Веста ја известува состојбата со западнонилската треска во Македонија, при што 19 лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а е потврдена и третата птица со вирусот. Министерот за здравство апелира за вакцинација против морбили поради растечкиот број случаи во соседните земји.
Состојбата заклучно со денешниот ден е дека има 55 вкупно случаи на западнонилска треска, 53 се потврдени, двајца се непотврдени. Од вкупниот број заразени, еден е без хоспитализација, 52 се хоспитализирани. Во моментов 19 лица се хоспитализирани на Клиника за инфективни болести, од кои 17 се потврдени, двајца се непотврдени, извести министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој појасни дека бројките се разликуваат заради различниот временски пресек.
Според статистиката, 11,5 проценти е смртноста досега, просечното лекување трае 14 дена, најдолгото лекување било 29 дена, најкраткиот испис е 8 дена.
Врвот на оптовареност на Клиниката е на 12 август, кога имало 24 хоспитализирани. Најмногу хоспитализации имало од 3 до 24 август. Речиси четири пати повеќе мажи отколку жени се хосиптализирани, а сите починати се мажи.
„Прва хоспитализација во мај, повеќе недели немало случаи, регистриан е случај крајот на јуни, растот започнува на 13 јули, а на 18 јули Институтот за јавно здравје го издаде извештајот и започнаа да се спроведуваат мерките“, изјави министерот.
Од 24 август има 3 потврдени, два непотврдени, пет вкупно хоспитализации во последната недела, во споредба со 9 до 11 хоспитализации претходните три недели.
Дополнителна промена на епидемиолошката слика е дека новите случаи се во Скопје Север или Северо-исток.
Министерот информираше дека трета птица, гавран, е позитивен на западнонилска треска, во Карпош, кај Драмски театар. Тој апелираше до граѓаните да не се пријавуваат распаднати птици бидејќи не можат да се извршат тестирања на такви птици, а фокусот да бидат гаврани.
„Ќе се обидеме да се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје, бидејќи во Скопје ја знаеме состојбата“, додаде тој.
Клековски исто така апелираше до сите граѓани во Македонија поревносно да се пристапи на вакцинација против морбили за превенирање можна епидемија.
„Во моментов расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија“, рече министерот.












