Пред нешто повеќе од два месеца, Омар Артан беше вратен од аеродромот во Мајами од Соединетите Американски Држави и остана без можност да суди на Светското првенство. Во среда, во Салцбург, ќе излезе на теренот како главен судија на Суперкупот на УЕФА.
Триесет и четиригодишниот Сомалиец ќе го води дуелот меѓу европскиот првак Пари Сен Жермен и освојувачот на Лигата на Европа, Астон Вила, со што ќе стане првиот судија надвор од Европа кому му е доверен овој натпревар.
УЕФА го опиша како еден од најдобрите судии во светот.
Артан беше меѓу 52-та судии што ФИФА ги избра за Светското првенство, но на 6 јуни не му беше дозволен влез во САД на Меѓународниот аеродром во Мајами.
Американската администрација наведе дека причина за одлуката била неговата наводна „поврзаност со лица осомничени за членство во терористички организации“.

Артан потоа беше вратен во Истанбул, од каде што отпатува за Сомалија. ФИФА одлучи да му го исплати целиот надомест што требаше да го добие за ангажманот на Мундијалот.
Сомалискиот судија тврдеше дека пред патувањето ја имал целата потребна документација, соодветна виза и официјална акредитација од ФИФА.
Американските власти останаа на одлуката да не му дозволат влез, наведувајќи дека нема да дозволат влез на ниту едно лице кое го сметаат за безбедносна закана.
Два месеца подоцна пристигна повикот од УЕФА.
„Тоа беше многу тежок период. Кога некој со години работи за да стигне до нешто, а потоа ќе му биде оневозможено да го направи тоа, навистина е многу тешко. Искрено ја ценам поддршката што ја добив од целиот свет и многу сум благодарен“, изјави Артан.

Тој особено истакна колку му значи можноста да суди на еден од најголемите натпревари во европската сезона.
„Имав среќа, но и работев исклучително напорно за да стигнам дотука и навистина сум горд. Пораснав во тешки околности, но тоа не ме спречи да ги следам своите соништа.“
Повикот од УЕФА бил голем момент и за неговото семејство.
„Кога го добивме повикот, тоа беше многу среќен момент за мене и за моето семејство. Во Европа и Австрија има голема сомалиска заедница и тие се пресреќни што ќе судам на ваков натпревар.“

За случајот на Артан претходно зборуваше и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој призна дека светската фудбалска организација не можела да ја промени одлуката на американските власти.
„Жално е тоа што му се случи на Омар, судијата од Сомалија. Но, сепак, не можеме да контролираме сè“, изјави Инфантино.
Артан сега, по летото во кое му беше одземена можноста да суди на најголемото репрезентативно натпреварување, ќе добие еден од најголемите натпревари во досегашната кариера.
И тоа со историски момент – како прв судија надвор од Европа кој ќе го води Суперкупот на „УЕФА“.














