Пријави се до 27 август и добиј официјална маица во стартниот пакет на Виз Ер Скопски маратон

Точка

11/08/2026

12:22

164

Големина на фонт

а а а

Секоја голема промена започнува со еден чекор. Одлуката да започнеш да трчаш, да поставиш нова цел или едноставно да направиш нешто добро за себе може да биде почеток на патување кое ќе те промени. Токму таква можност носи Виз Ер Скопски маратон 2026, кој ќе се одржи на 4 октомври 2026 година, а пријавувањето е во полн ек.

Сега е вистинскиот момент да се пријавите и да започнете со подготовките, бидејќи до трката остануваат уште неколку недели. Учесниците имаат можност да изберат предизвик според својата форма, искуство и лична цел – од рекреативна трка до најголемиот личен предизвик на маратонската дистанца. Важно е само да се направи првиот чекор.

Посебно важен датум за сите кои сакаат да ја имаат официјалната маица во својот стартен пакет е 27 август. Секој што ќе се пријави до овој датум, без разлика дали учествува на маратон, полумаратон, 5 километри или штафетен маратон „ЕУ за спорт“, ќе има вклучена маица во стартниот пакет. По 27 август, маицата нема да биде дел од стартниот пакет, па сите кои сакаат да ја обезбедат треба да ја завршат регистрацијата навреме.

Во исто време, 18 септември е последниот рок за пријавување по актуелните цени. Тоа е крајниот рок за сите кои сакаат да бидат дел од Виз Ер Скопски маратон 2026, па организаторите ги повикуваат заинтересираните учесници да не го оставаат своето учество за последен момент. Навремената пријава значи и повеќе време за подготовка, тренинг и поставување реална лична цел за големиот спортски ден.


Годинашното издание на маратонот веќе има силна меѓународна димензија. Досега се пријавени учесници од 52 земји, што уште еднаш го потврдува угледот на Виз Ер Скопски маратон како значаен спортски и туристички настан во регионот. Покрај најбројните домашни натпреварувачи од Македонија, најголем број пријавени досега има од Србија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Унгарија, Турција и Холандија, со што Скопје и оваа година ќе биде место каде што преку трчањето ќе се сретнат учесници од различни земји, култури и спортски заедници.

Но, вистинската вредност на маратонот не се мери само во километри. За некого победа е да го заврши првиот круг, за друг да го истрча првиот полумаратон, а за трет да постигне резултат за кој долго време тренирал. Секој има своја приказна, своја мотивација и своја граница која сака да ја помести. Токму затоа трчањето е многу повеќе од спорт – тоа е процес на лична промена, дисциплина и надминување на самиот себе.

Со мотото „Трчањето ќе те Промени“ (“Running Will Change You“), Виз Ер Скопски маратон ја истакнува токму оваа трансформативна моќ на трчањето. Секој тренинг гради издржливост, секој истрчан километар носи нова самодоверба, а секоја надмината граница покажува дека можеме повеќе отколку што сме мислеле. На тој пат, целта не е само да стигнеме до финишот, туку да стигнеме до него како подобра верзија од себе.