„Nissan Qashqai“ со најновата генерација на хибридниот систем „e-POWER“ постави Гинисов светски рекорд откако со еден резервоар гориво помина дури 1.980 километри, без надворешно полнење на батеријата и без дополнително полнење гориво.
Рекордното возење се одржа од 14 до 17 јули во Колумбија, на релација од Богота кон карипскиот брег. „Qashqai“ притоа мина низ различни сообраќајни, патни и климатски услови, а целиот обид го следеа и проверуваа претставници на „Guinness World Records“.
„Nissan“ со тоа го освои рекордот за најдолго патување со SUV со електричен погон и продолжувач на досегот, без можност за приклучување на надворешен извор на електрична енергија, односно без полнење на батеријата или дополнување гориво во текот на возењето.

По што е посебен „e-POWER“?
Иако користи бензински мотор, системот „e-POWER“ на „Nissan“ се разликува од класичните хибриди. Тркалата секогаш ги придвижува исклучиво електромотор, додека бензинскиот мотор нема директна механичка врска со нив.
Неговата задача е да произведува електрична енергија потребна за напојување на батеријата и електромоторот. На тој начин возачот добива чувство карактеристично за електричен автомобил – моментален одзив на педалата за гас, линеарно забрзување и тивко возење – но без потреба автомобилот да се приклучува на полнач. Кога ќе се потроши бензинот, резервоарот едноставно повторно се полни на бензинска пумпа.
Најновата генерација на системот „e-POWER“ го користи модуларниот погонски склоп „5-во-1“ на „Nissan“, во кој електромоторот, генераторот, инвертерот, редукторот и мултипликаторот се обединети во компактна целина. Системот користи и регенеративно сопирање за што поефикасно искористување на расположливата енергија.

Речиси 2.000 километри со еден резервоар
Токму ефикасноста беше во центарот на рекордниот обид. „Qashqai“ со еден резервоар успеа да помине 1.980 километри, со што „Nissan“ сакаше да покаже колкав досег може да постигне неговата технологија во реални услови.
„Овој фантастичен рекорд уште еднаш ги покажува можностите на најновата генерација на технологијата ’e-POWER‘. ’Qashqai e-POWER‘ нуди ефикасност, префинетост и чувство на возење електричен автомобил, а сето тоа го развивавме имајќи ги предвид реалните потреби на купувачите“, изјави Ричард Кендлер, извршен директор на „Nissan“ задолжен за стратегијата за производи и компоненти.
„Nissan“ го гледа „e-POWER“ и како своевиден премин кон целосно електричните автомобили. Идејата е на купувачите да им се понудат карактеристиките на електричниот погон без грижа за достапноста на полначите и времето потребно за полнење на батеријата.
По претходните тестови на издржливост во Велика Британија и Тасманија, речиси 2.000 километри поминати во Колумбија сега му донесоа на „Qashqai“ и официјално признание од „Guinness World Records“.














