На „Audi“ му беа потребни само 405 дена од првата скица да го создаде наследникот на легендарниот R8.
„Audi“ пред неколку месеци го претстави "Nuvolari", нов суперавтомобил замислен како наследник на легендарниот R8. Покрај речиси 1.000 КС и производството ограничено на само 499 примероци, интересен е и податокот колку траел развојот на моделот. Од првата идеја до функционален прототип поминале само 405 дена, соопштија од „Audi“.
„Audi“ сега објави 20-минутен документарен филм кој го прикажува целиот процес на создавање на "Nuvolari" – од првите скици и 3D-рендери до целосно функционален прототип. Можност да го испробаат автомобилот имаа и возачите на „Audi“ во Формула 1, Нико Хулкенберг и Габриел Бортолето.
1.000 КС со технологија од „Lamborghini“
На брзиот развој на "Nuvolari" му помогна и користењето на постојната технологија во рамките на групацијата „Volkswagen“. Моторот 4,0-литарски V8 битурбо и трите електромотори се преземени од „Lamborghini Temerario".
Сепак, постојат значајни разлики. "Temerario" има батерија со капацитет од 3,8 kWh, додека "Nuvolari" користи поголема батерија од 7,3 kWh. „Audi“ е и помоќен – системот развива вкупно 1.001 КС, од кои 800 КС доаѓаат од V8 моторот, а електромоторите додаваат уште по 150 КС. Потврдените перформанси вклучуваат максимална брзина од 350 km/h и забрзување од 0 до 100 km/h за 2,6 секунди.
„Проектот "Nuvolari" е впечатлив пример колку брзо во „Audi“ можеме една идеја да ја претвориме во реалност – тоа е ’"Vorsprung durch Technik‘“, изјави извршниот директор на „Audi“, Гернот Долнер. Тој додаде дека "Nuvolari" за „Audi“ претставува многу повеќе од суперавтомобил и дека ќе послужи како технолошки показател за насоката во која ќе се развиваат идните модели на брендот.

Само 499 примероци
"Nuvolari" ќе биде исклучително ексклузивен модел. „Audi“ планира да произведе само 499 примероци, а првите испораки до купувачите се најавени за првата половина на 2027 година.
Официјалната цена сè уште не е потврдена, но според досегашните информации се очекува да изнесува околу 600.000 евра.

Развој по принципот „кинеска брзина“
"Nuvolari" е еден од првите модели на „Audi“ развиени според принципот што производителот го нарекува „China speed“. Тоа е пристап со кој значително се скратува времето потребно за развој на нови автомобили.
„Audi“ уште минатата година најави дека сака своите развојни циклуси да ги приближи до оние на кинеските производители. Пример за тоа ќе биде и електричниот наследник на TT, кој на пазарот треба да пристигне само 30 месеци по конечната потврда на проектот.
Се очекува идниот електричен спортски модел по дизајн да биде сличен на "Nuvolari". Тој ќе користи платформа поврзана со електричните наследници на „Porsche 718 Boxster" и "Cayman", со батерија сместена зад седиштата. Со тоа би се постигнала распределба на тежината слична на онаа кај автомобилите со централно поставен мотор.














