[ВИДЕО] Италијанците повторно ги поместија границите: Пристигна новото „Ferrari“

Точка

06/08/2026

18:39

302

Големина на фонт

а а а

„Ferrari“ го претстави „Amalfi Spider“, нов кабриолет со преклоплив платнен покрив кој ги наследува моделите „Roma Spider“, „Portofino“ и „California“, продолжувајќи ја традицијата на луксузни „GT“ автомобили со мотор поставен напред.

Новиот модел го придвижува добро познатиот 3,9-литарски „V8 biturbo“ мотор со 631 коњска сила, што е за 19 КС повеќе во однос на претходниот „Roma Spider“. Според податоците на италијанскиот производител, автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за нешто повеќе од три секунди и достигнува максимална брзина од 320 km/h.

Посебно внимание е посветено на дизајнот, па платнениот покрив со пет слоја ја задржува елегантната силуета на купето, додека се отвора за нешто повеќе од 13 секунди и тоа при помали брзини.

Спој на луксуз, технологија и уживање во возењето

Внатрешноста на „Amalfi Spider“ нуди високо ниво на луксуз, со тапацир од кожа и алкантара, алуминиумски детали и нови физички команди кои ги заменуваат допирните копчиња од моделот „Roma“, со што управувањето станало поедноставно и поинтуитивно.

„Ferrari“ го задржа осумстепениот автоматски менувач со двојна спојка, адаптивната суспензија и активниот заден спојлер кој ја подобрува стабилноста при големи брзини, додека управувањето е приспособено и за помалку искусни возачи, без притоа да се жртвува препознатливата динамика на брендот.


Создаден за уживање во возењето

Од „Ferrari“ истакнуваат дека „Amalfi Spider“ не е замислен како екстремен спортски автомобил, туку како модел што подеднакво ги нагласува перформансите, удобноста и емоциите зад воланот.

Иако цената сè уште не е објавена, се очекува да биде повисока од верзијата со тврд покрив. Со тоа, „Amalfi Spider“ ќе стане еден од најатрактивните луксузни кабриолети во понудата на италијанскиот производител и сериозен ривал на модели како „Aston Martin Vantage Roadster“ и „Porsche 911 Cabriolet“, наведува „CarAndDriver“.