Никол Кидман со години им беше верна на топлите нијанси на руса коса, често збогатени со бакарни и јагодесто-руси тонови. Но, за премиерата на третата сезона од серијата „Lioness“, која се одржа во Њујорк, таа се одлучила за суптилна, но многу впечатлива промена.
Познатата актерка се појавила со значително посветла коса во постудена, речиси шампањ-руса нијанса, која особено дојде до израз под светлата на црвениот килим. Новата боја го „ублажила“ нејзиниот целокупен изглед, а на лицето му дала дополнителна свежина и сјај.


Кидман не се решила за драстична промена на фризурата, туку трансформацијата ја постигнала со игра на нијанси и внимателно стилизирана коса. Долгата коса ѝ била исфенирана и раскошно обликувана, со меки слоеви што го врамуваат лицето и долги шишки разделени на средина.
Врвовите биле малку свиткани нанадвор, со што фризурата добила доза на гламур инспириран од 70-тите години. За нејзиниот изглед е заслужна фризерката Даниел Приано, која новата, посветла нијанса ја истакнала со меко фенирање и шишки што природно се вклопуваат со остатокот од косата.


Иако станува збор за суптилна промена, разликата во однос на нејзината досегашна јагодесто-руса коса е доста забележлива. Постудените тонови изгледаат помодерно и поелегантно, а во комбинација со долгите слоеви создаваат впечаток на погуста и поподвижна коса.


Новата фризура Кидман ја искомбинирала со впечатлив стајлинг од „Фенди“. Проѕирната туника богато украсена со мониста, кристали и реси ја носела врз широки панталони во боја на слонова коска, а целиот изглед го надополнила со дискретен златен накит и сандали со тенки ремчиња.

Романтичната фризура и нежната шминка ја ублажиле раскошноста на модната комбинација, додека посветлата руса коса стана детаљот што го поврза целиот изглед. Така, Кидман уште еднаш покажала дека за впечатлива трансформација не се неопходни ниту драстично потстрижување, ниту целосно нова фризура. Понекогаш е доволна само внимателно избрана нијанса.