Наџа е родена со речиси 8 килограми, била најголемото бебе на светот: Денес има 19 години и вака изгледа – зад неа стои тешка и болна животна приказна

Кармин

25/08/2026

20:24

1.139

Големина на фонт

а а а

Кога во 2007 година дошла на свет, Наџа Халина влегла во Гинисовата книга на рекорди. Новинари од целата земја се упатиле во малиот град Алејск, во Алтајскиот крај, покраина на југот на Сибир, за да го видат тоа чудо, тоа необично дете.

Претставници на власта и големи компании го опсипувале нејзиното семејство со подароци, а потоа девојчето, родено со речиси 8 килограми, паднало во заборав.

Дете-феномен - тој прекар ја следи од денот кога дошла на свет. Затоа што Наџа Халина не била како другите бебиња – од мајчината утроба излегла со рекордни седум килограми и 750 грама.

Тоа, очигледно, било семејна „карактеристика“. Таа е најмладото, дванаесетто дете во големото семејство на поранешен војник и бабица, а сите нејзини браќа и сестри исто така биле прилично крупни при раѓањето.


Кога отишла во породилиштето, нејзината мајка Татјана имала 43 години. И многу искуство, мора да се признае. Немала никакви проблеми во текот на бременоста, породувањето поминало лесно, без какви било компликации, бебето било родено совршено здраво, но – „нешто“ било необично. Нејзината тежина.

Новинари од целата земја го окупирале малиот град среде пространа степа, опкружена со Алтајските Планини, во близина на границата со Казахстан, и објавувале приказни за новороденчето кое од милост го нарекувале „Големата руска надеж“.

Локалните власти го опсипувале семејството со подароци, апарати за домаќинство и различни потрепштини, а Наџа била запишана и во Гинисовата книга на рекорди.

Оттогаш поминале 19 години. Најмладата членка на семејството Халин сега е млада жена при крајот на тинејџерските години, весела, насмеана, скромна и малку срамежлива. Таа, вели, не се разликувала од своите врсници. Барем не се чувствувала така.


Нејзината постара сестра Дарија во шега додава дека, и покрај напорите на родителите да им посветат еднакво внимание на сите деца, најмладото секогаш било омилено. Но, таа не крие дека не им било секогаш лесно...

Иако понекогаш немале доволно пари ниту за леб, биле сложни. Децата ги наследувале работите и играчките едни од други и сите завршиле средно училиште.

За среќа, Наџа не се сеќава на тешките времиња. Вели дека секогаш имала сè што ѝ било потребно. Кога го прославила првиот роденден, нејзината тежина станала нормална, а денес, кога ќе ја погледнете таа витка девојка, никогаш не би можеле да претпоставите со колку килограми била родена. Дека била вистинско бебе-џин.

Сепак, една рана засекогаш ќе ја носи во душата... Болка за која нема утеха.


Шест години откако на свет го донела „детето-феномен“, Татјана Халина развила сериозни здравствени проблеми.

„Нивото на шеќер во крвта нагло ѝ се зголеми. Ендокринологот ѝ препиша лекови, а самата си правеше и посебни тинктури за намалување на шеќерот во крвта“, ја започнува приказната најстарата ќерка Дарија.

„Подоцна по целото тело ѝ се појавија чирови, но таа не сакаше да оди во болница. Со текот на времето, ситуацијата се влошуваше. И покрај инсистирањето на лекарите да биде хоспитализирана, мајка ми одбиваше сè. Иако се спротивставуваше, успеавме да ја натераме да влезе во возилото на итната помош. Почина еден ден подоцна, од сепса. Имаше само 54 години кога моравме да се збогуваме со неа“.

Додека се обидувала да ја совлада тагата, најстарата ќерка се прашувала што ќе се случи со нејзините браќа и сестри. Дали ќе бидат однесени во сиропиталиште?


За среќа, тоа не се случило. Дарија и нејзиниот татко Виктор земале кредити и се задолжувале за да можат сите да ги изведат на вистинскиот пат.

Како што растеле, така го напуштале градот, заминувале на понатамошно школување, основале свои семејства...

Наџа имала само шест години кога останала без мајка, но се сеќава на секој момент поминат покрај неа.

„Многу ми недостига мама, понекогаш само сакам да ја прегрнам. Едвај чекав да се вратам дома од училиште и да ѝ раскажам сè – како ми поминал денот, што има ново... Со неа ги споделував мислите и чувствата“, вели Наџа, некогашното „дете-феномен“, која оваа година се запишала на технички факултет.

Во слободно време сака да црта, да чита јапонски стрипови и да слуша музика, а би сакала да научи и да свири гитара.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk