Таму играа Пирло, Баџо и Гвардиола, а сега веќе ја нема: По 115 години згасна славниот клуб

Точка

29/07/2026

19:22

789

Големина на фонт

а а а

Клубот, основан далечната 1911 година, повеќе не постои. Бреша изнедри голем број познати италијански фудбалери, но поради огромните финансиски долгови сега е ставен крај на нејзината богата историја.

Како што и се најавуваше, италијанскиот фудбалски великан повеќе не постои – Бреша официјално згасна по 115 години постоење. Иако уште минатото лето беше најавено гасењето на клубот, за кој настапуваа легенди како Роберто Баџо, Андреа Пирло, Пеп Гвардиола и Марио Балотели, сега и официјално е ставена точка на неговата историја.


Судот во Бреша, на северот од Италија, нареди ликвидација на клубот. Тоа всушност претставуваше последниот чекор кон згаснувањето на великанот, основан во 1911 година, кој сега е принуден засекогаш да ја напушти професионалната фудбалска сцена. Клубот уште во летото 2025 година мораше да ги напушти професионалните натпреварувања, откако на Бреша ѝ беше одбиена лиценцата за настап во Серија Ц за сезоната 2025/26.


Претседателот на клубот, Масимо Челино, не ги исполнил неопходните финансиски обврски. Подоцна, Фудбалската федерација на Италија („FIGC“) ѝ ја одзеде лиценцата на Бреша, па по 115 години клубот и официјално исчезна од професионалната фудбалска мапа.


Долгот на Бреша изнесува околу 20 милиони евра, пренесуваат тамошните медиуми.

Во меѓувреме е основан нов клуб – „Union Brescia“. Новиот идентитет беше претставен на 17 јули 2025 година, а сопственик и претседател на клубот е Џузепе Пасини. Иако Бреша во текот на своето постоење никогаш не успеа да стане шампион на Италија, ниту да оствари голем број историски успеси, клубот уживаше исклучителен углед и популарност во фудбалскиот свет. Последен пат настапуваше во Серија А пред шест години, а дури четири пати беше шампион на Серија Б.