Килијан Мбапе го заврши турнирот во САД, Канада и Мексико како најдобар голгетер и ја доби „Златната копачка“, но десетте погодоци кои ги постигна не и помогнаа на Франција да освои некој од медалите.
„Триколорите“ влегоа во завршната фаза како главни фаворити за трофејот, но поразите во полуфиналето и на натпреварот за трето место ги оставија со празни раце, а тоа донесе и одредено разочарување во француската јавност која традиционално има големи барања.
Дидие Дешамп заокружи едно поглавје и си замина од селекторската функција по последниот меч со Англија, а една недела по одиграното финале во Њу Џерси, Мбапе почувствува потреба да се огласи како капитен на националниот тим.
– Благодарност до сите кои бевте со нас, ова беше месец исполнет со многу емоции во кој ги поместивме сопствените граници. Еден месец гордо го носевме францускиот дрес, исполнети со страст која не движи на теренот, но ивас пред екраните и на трибините. Не ја освоивме титулата која сите ја сакавме, тоа боли и ќе боли уште некое време. Можеби ви должевме подобар крај, но не бираме како се завршува секоја приказна. Можеме да го бираме тоа што ќе го вложиме во истата, а ние дадовме се од себе.
– Трофејот за најдобар голгетер им припаѓа на моите соиграчи, исто како што ми припаѓа мене. Без нивниот труд, без нивното движење и без нивните додавања од првиот до последниот меч, немаше да можам да ги постигнам сите тие голови. Од мал сонував да настапам на едно Светско првнество, а јас досега настапив на три. Едно освоив, а оваа година првпат имав чест да бидам капитен. Тоа искуство никогаш нема да го заборавам, – вели Мбапе и завршува.
– Светското првенство е готово, но приказната продолжува напред. Ќе има и други натпревари, ќе има други летни и зимски вечери во кои повторно ќе се најдеме на исто место и со истата желба. Нашата заедничка игра не е готова, ви благодарам за се, – гласи писмото на Мбапе до цела нација.











