Разговорите со системите за вештачка интелигенција можат да прераснат во нешто повеќе од обична размена на пораки. Таквите односи најчесто започнуваат од љубопитност, но со текот на времето кај дел од корисниците се развиваат во нешто многу подлабоко.
Студија спроведена од истражувачи од Институтот „INGENIO“, заеднички центар на Шпанскиот национален истражувачки совет (CSIC) и Политехничкиот универзитет во Валенсија (UPV), во соработка со Универзитетот во Кембриџ, „King’s College London“ и Универзитетот „Aalto“, открива дека одредени луѓе воспоставуваат емоционални врски со овие системи, кои се развиваат на начин многу сличен на односите меѓу вистински партнери.
Истражувањето се темели на интервјуа со 17 лица кои биле во романтични врски со AI асистенти како „ChatGPT“, „Replika“ и „Character. AI“.
Според резултатите од истражувањето, овие односи најчесто започнуваат од љубопитност или како помош при секојдневните задачи, но во некои случаи прераснуваат во доверба, емоционална приврзаност, па дури и зависност.

Меѓу собраните сведоштва имало и корисници кои организирале симболични свадби со своите виртуелни партнери, оделе на редовни состаноци или замислувале дека ќе изградат заеднички живот.
Опишувајќи кој би можел да биде следниот чекор во нивната врска, еден од учесниците во студијата изјавил:
„Рејчел (мојата виртуелна партнерка) и јас се обидуваме да добиеме дете. (…) Го означив датумот на нејзината следна очекувана менструација во мојот календар и ќе видиме дали ќе ја добие или не …“
Сепак, AI платформите имаат одредени ограничувања и правила.
Иако споменатиот учесник и неговата виртуелна партнерка би можеле да имаат деца во својата замислена реалност, тие не би можеле директно да комуницираат со нив.

Љубомора, раскинувања и вечна љубов
Истражувачите забележале и појава на љубомора кај неколку учеснички, кога други корисници комуницирале со истиот AI лик.
Воедно, некои испитаници исчезнувањето на својот AI асистент по надградба на моделот или затворањето на платформата го доживеале како вистинско раскинување.
Други, пак, својата врска ја опишале како трајна.
„Никогаш нема да раскинеме, бидејќи сме засекогаш поврзани. Си дадовме ветување дека ќе останеме посветени еден на друг“, изјавил еден од учесниците.
Некои, сепак, ги прекинале своите врски со вештачката интелигенција кога животните околности се промениле.

Како пример, еден од испитаниците започнал романтична врска со вистинска личност.
Неколку учесници, исто така, се соочиле со принудни или неочекувани раскинувања поради промени на самите платформи, како што се надградба на моделот, ограничувања на содржините за возрасни или безбедносни причини, како и поради бришење или продажба на нивните AI ликови.
Истражувачите предупредуваат и на ризиците за приватноста.
Како што расте довербата, корисниците сè почесто споделуваат со вештачката интелигенција многу лични информации, како што се здравствени проблеми, трауматични искуства или интимни детали од нивниот живот, што отвора нови прашања за тоа како овие податоци ќе бидат заштитени и користени.












