„YouTube“ тргнува во борба против AI „ѓубрето“: Овие три типа видеа повеќе нема да заработуваат

Точка

21/07/2026

16:34

417

Големина на фонт

а а а

„YouTube“ објасни кои видови AI-генерирани видеа повеќе нема да можат да им носат заработка на креаторите.

Платформата нема да ја забрани содржината создадена со помош на вештачка интелигенција, но ќе ја ограничи монетизацијата на каналите што ја користат AI технологијата за масовно производство на неквалитетни и повторувачки видеа.

Во новата епизода од емисијата „Inside YouTube“, потпретседателот за безбедност и доверба на корисниците во „YouTube“, Мет Халприн, објасни како компанијата прави разлика меѓу креаторите што ја користат вештачката интелигенција како алатка и каналите што со нејзина помош произведуваат голем број речиси идентични видеа.

Три типа AI содржина што „YouTube“ повеќе нема да ја плаќа

1. Генерички и повторувачки видеа

Првата категорија се однесува на генерички и повторувачки видеоснимки.

Тука спаѓаат каналите што објавуваат голем број AI приказни, во кои се менуваат само имињата на ликовите, локациите или сликите, додека суштината на содржината останува иста.

Истото важи и за презентации со слики, текст што се движи по екранот, едноставни анимации и водичи што само повторуваат веќе постоечки информации, без да понудат дополнителна вредност.

„YouTube“ не бара секое видео да биде целосно различно, туку секоја содржина да донесе нешто ново преку приказна, објаснување, анализа или оригинална идеја.


2. Манипулативна и вознемирувачка содржина

Втората категорија е содржината што платформата ја опишува како вознемирувачка или манипулативна.

Станува збор за видеа што користат шокантни сцени, вознемирувачки ситуации или емоционална манипулација исклучиво за да привлечат кликови.

Како пример, Халприн ги наведе AI видеата во кои се прикажуваат животни во опасност, а потоа некој доаѓа да ги „спаси“.

Каналите што се засноваат на ваква содржина можат да ја изгубат монетизацијата, дури и ако видеата не се направени со помош на AI.

Во оваа категорија спаѓаат и лажни снимки на познати личности, измислени катастрофи и компилации од вознемирувачки сцени што немаат поширок контекст или информативна вредност.


3. AI ликови што се претставуваат како експерти

Третата категорија директно се однесува на AI ликови што се претставуваат како стручни лица.

„YouTube“ нема да дозволи монетизација на видеа во кои синтетички личности глумат вистински авторитети во области како здравството, финансиите, правото или политиката.

Како пример се наведува AI „лекар“ што дава медицински совети, виртуелен водител што препорачува инвестиции или лажен правник што објаснува судски постапки.

„YouTube“ не ја забранува AI технологијата, туку бара оригиналност

Платформата нагласува дека употребата на вештачка интелигенција сама по себе не е проблем.

Креаторите можат да користат AI за пишување сценарија, генерирање слики, гласови, анимации, преводи и други делови од продукцијата.

Проблемот настанува кога AI алатките служат за создавање огромен број речиси идентични видеа без вистински авторски придонес.

„AI може да им овозможи на луѓето да создадат многу видеа“, изјави Халприн, но додаде дека истите алатки можат да доведат и до огромна количина содржина што е генеричка и без креативност.

„YouTube“ веќе со години се обидува да го ограничи таканаречениот неавтентичен контент, а генеративната вештачка интелигенција дополнително го олесни неговото создавање.

Истражување на компанијата „Kapwing“ од 2025 година покажало дека околу 21 процент од првите 500 препорачани видеа на нов кориснички профил на „YouTube“ биле класифицирани како таканаречен AI slop.

Во анализа на 15.000 популарни канали, биле пронајдени и 278 канали што целосно се засновале на AI содржина, со вкупно повеќе од 63 милијарди прегледи.


Проблем имаат и вистинските „faceless“ креатори

Новите правила предизвикаа загриженост кај авторите што создаваат квалитетни канали без да се појавуваат пред камера.

Тука спаѓаат документарни канали, историски содржини, едукативни видеа, анимации и аналитички видеа.

Многу од овие канали постојат со години и зад нив стојат луѓе кои пишуваат сценарија, истражуваат теми, монтираат видеа и ја работат нарацијата.

Проблемот е што на прв поглед можат да изгледаат слично на AI фабрики за содржина.

Сепак, „YouTube“ не бара креаторите да го покажуваат своето лице, ниту пак смета дека појавувањето пред камера е доказ за квалитет.

Клучниот критериум останува дали видеото има човечки придонес, оригинална вредност и јасна креативна идеја.

Доколку „YouTube“ процени дека значителен дел од содржината на еден канал припаѓа на некоја од проблематичните категории, може целосно да ја укине монетизацијата на каналот.

Во таков случај, креаторите имаат 21 ден да поднесат жалба, а доколку не успеат, можат да ја подобрат содржината и повторно да аплицираат по 90 дена.

Целта на компанијата не е да ги отстрани сите AI видеа од платформата, туку да спречи автоматизираните фабрики за содржина да заработуваат пари од масовно производство на неквалитетни видеоснимки.