„NASA“ објави спектакуларен тајмлапс од Марс, составен од илјадници фотографии снимени за време на прелетот на вселенското летало „Psyche“, кое во мај помина покрај Црвената планета за да ја искористи нејзината гравитација и да добие дополнително забрзување на патот кон истоимениот астероид.
Покрај импресивните снимки од Марс и неговиот јужен леден пол, прелетот послужил и за тестирање на научните инструменти што ќе го истражуваат астероидот Психе.
Вселенското летало „Psyche“ започнало да му се приближува на Марс на 2 мај, а најблиску до планетата поминало на 15 мај, на височина од околу 4.600 километри.
Во текот на тој период, неговата мултиспектрална камера снимила илјадници фотографии, кои „NASA“ сега ги обедини во еден тајмлапс.
Видеото го прикажува Марс – од тенок српест облик при приближувањето, преку детални снимки од неговата површина, па сè до погледот кон јужниот леден пол, додека леталото се оддалечувало од планетата.
„NASA“ и мисијата „Psyche“
Вселенското летало „Psyche“ на „NASA“ патува кон необичниот метален астероид 16 Психе, кој на 17 март 1852 година го открил италијанскиот астроном Анибале де Гаспарис, давајќи му го името по грчката божица на душата Психе, која според митологијата се родила како смртничка и се омажила за богот на љубовта Ерос.
Мисијата „Psyche“ беше лансирана во 2023 година, а нејзината цел е да пристигне до истоимениот астероид, сместен во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер.
Тој претставува исклучителен научен интерес, бидејќи постои можност да е оголено метално јадро на одамна уништен протопланет, што би претставувало единствена можност за увид во внатрешноста на планети слични на Земјата или Марс.
Предизвикот е што астероидот се наоѓа на оддалеченост од околу 3,6 милијарди километри, па затоа „NASA“ го вклучи прелетот покрај Марс, за леталото да добие дополнително забрзување без трошење гориво.
Гравитацијата на Марс го забрза патувањето
„NASA“ ја искористи гравитацијата на Марс за да ја зголеми брзината на леталото и попрецизно да ја насочи неговата траекторија кон главната цел – металниот астероид Психе, кој се наоѓа во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер.
Ваквиот гравитациски маневар овозможи значителна заштеда на погонско гориво за повеќегодишното патување низ Сончевиот Систем.
Пристигнувањето на леталото до астероидот се очекува во 2029 година.
Џим Бел од Универзитетот во Аризона, кој е раководител на развојот на камерата во рамките на мисијата „Psyche“, изјави дека инструментот работел исклучително успешно за време на прелетот.
„Камерата работеше беспрекорно и сними некои ретко видени призори од Црвената планета“, изјави Бел.
Тој додаде дека научниците за време на прелетот успеале да ја проверат прецизноста и исправноста на камерата, нејзината осетливост на расеана светлина, како и од голема далечина да ги забележат природните сателити на Марс – Фобос и Деимос.
Ова искуство ќе им послужи како подготовка за потрагата по евентуални помали сателити околу астероидот Психе, кога леталото ќе пристигне на својата крајна дестинација во 2029 година.














