Репрезентациите на Франција и Англија понудија вистински спектакл во „малото финале“ на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, а покрај тоа што се погрижија за ревија од голови за сите фудбалски фанови, поставија и нов апсолутен рекорд кога е во прашање натпреварот за трето место на мундијалите.
За првпат во историјата на овие натпревари, видовме десет голови во регуларен дел, а во еден неверојатен натпревар во кој имаше и голема неизвесност во вториот дел, на крајот поуспешни излегоа Англичаните.
Иако Томас Тухел значително ги измеша картите и се чинеше дека на хартија извади послаб тим од Дидие Дешамп, случувањата на теренот беа целосно контрастни, па така Англија во првиот дел и одржаа фудбалска лекција на Франција на теренот во Мајами.
Англија постигна четири гола во првите 45 минути и се чинеше дека ја осигура победата, но во вториот дел, повторно надвиснаа мрачните мисли и лошите спомени од полуфиналето со Аргентина.
Четирите гола на Рајс, Конса и Сака (два) се покажаа како недоволни за да се осигура триумфот, бидејќи „Гордиот Албион“ мораше да постигне уште два за да избегне нов голем шок.
Франција излезе како друг тим во вториот дел и четирите измени на Дешамп веднаш вродија со плод, па така двата гола на Мбапе и оној на Баркола внесоа голема неизвесност на теренот.
Голот за 3:4 кој беше втор на Мбапе најави големи непријатности за англискиот состав, а мора да се признае дека Олисе не реализираше и зицер за 4:4.
По утката на ѕвездата на Баерн, се чини дека клучниот момент пристигна во 87-та минута кога Спенс се избори за пенал, а најстрогата казна во гол ја претвори Сака.
Букајо комплетираше хет-трик за 5:3, но тука не беше крајот на возбудувањата и до крајот видовме уште два погодоци. Дембеле погоди за 4:5, а пред последниот судиски свиреж, Белингам постигна рекорден десетти гол во еден натпревар за трето место.
Досегашен рекорд беа девет постигнати голови на натпревар за трето место, а истиот датираше од 1958-ма година кога Франција ја победила Германија со 6:3 во дуелот на поразените од полуфиналињата.
За Англија ова е прв бронзен медал во историјата на Светските првенства, додека Дидие Дешамп се простува без медал на овој мундијал како француски селектор откако претходно беше шампион и вицешампион во 2018-та и 2022-ра година.








