„Voyager 1“ наскоро ќе достигне уште една историска пресвртница – ќе биде оддалечен еден светлосен ден од Земјата

Точка

14/07/2026

18:02

381

Големина на фонт

а а а

Вселенското летало „Voyager 1“ се наоѓа на неверојатно патување кое ги надмина сите очекувања, а наскоро ќе оствари уште една историска пресвртница. Сондата, со големина на помал автомобил, беше првиот објект создаден од човекот што влезе во меѓуѕвездениот простор.

Веќе речиси 50 години се оддалечува од Земјата со брзина од околу 61.100 километри на час. Сепак, колку и да звучи неверојатно, за сето тоа време сè уште не ја поминала оддалеченоста од еден светлосен ден од Земјата, пренесува РТС.

Научниците на „НАСА“ го пресметаа точниот момент кога тоа ќе се случи, а до овој историски настан остануваат само уште неколку месеци.

На 18 ноември 2026 година, во 11:16 часот по пацифичко време, „Voyager 1“ ќе биде оддалечен 25,9 милијарди километри од својата матична планета.


Токму толкаво е растојанието што светлината го поминува за еден ден, додека на „Voyager 1“ за истиот пат ќе му бидат потребни повеќе од 49 години.

„Voyager 1“ ќе биде првиот објект создаден од човекот што ќе ја достигне оваа оддалеченост од Земјата, со што ќе додаде уште едно историско достигнување на долгата листа успеси на оваа мисија, се наведува во соопштението на „НАСА“.

„Војаџер 1“ и неговиот близнак, „Voyager 2“, се единствените летала кои и понатаму функционираат надвор од хелиосферата – заштитниот меур од честички и магнетни полиња што го создава Сонцето.


Зошто еден светлосен ден е важен?

Оваа пресвртница не е значајна само како симболичен рекорд. Таа има и практични последици за комуникацијата со леталото.

„Ако испратам команда и кажам: ’Добро утро, Voyager 1‘ во осум часот наутро во понеделник, одговорот ќе го добијам дури во среда околу осум часот наутро“, објасни за „CNN“ Сузи Дод, раководител на проектот „Voyager“ во Лабораторијата за млазен погон.

Првичната задача на „Voyager 1“ беше да помине покрај Јупитер и Сатурн, што успешно го направи во 1979 и 1980 година. По завршувањето на таа мисија, едноставно продолжи да патува низ вселената.


Во текот на мисијата, „Voyager 1“ и „Voyager 2“ испратија на Земјата непроценливи фотографии и податоци за Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, а во последните години продолжуваат да регистрираат и анализираат необични појави во меѓуѕвездениот простор.

Сепак, и покрај импресивната оддалеченост што ја помина, леталото, кое енергијата ја добива од плутониум, постепено останува без напојување.

Во текот на изминатата година, „НАСА“ постепено ги исклучуваше научните инструменти за да го продолжи неговиот работен век.


Денес активни се само уште два инструмента – магнетометарот и системот за мерење на плазма-бранови, кој и понатаму регистрира слаби електромагнетни сигнали од меѓуѕвездениот простор.

Од „НАСА“ проценуваат дека „Voyager 1“ ќе продолжи да комуницира со Земјата до почетокот на 2030-тите години, кога неговото напојување ќе падне под минималното ниво потребно за работа на кој било од неговите инструменти.