Научниците во еден од најмалку истражените делови на Атлантскиот Океан открија две нови хидротермални полиња и снимија животни што досега никогаш не биле забележани во нивното природно живеалиште, објави „Schmidt Ocean Institute“, пренесува „Science Alert“.
Истражувањето било спроведено во зоната Doldrums Megatransform and Fracture Zone, оддалечен и тектонски активен дел од океанското дно што го пресекува Средноатлантскиот Гребен, најдолгиот планински венец во светот. Ова подрачје се наоѓа северно од екваторот, на околу 800 милји од североисточниот брег на Бразил.
Експедицијата ја предводел морскиот научник Арон Микалеф од Monterey Bay Aquarium Research Institute во Калифорнија, а тимот работел од истражувачкиот брод Falkor (too). Во истражувањето биле користени далечински управуваното подводно возило SuBastian и автономното подводно возило The Childlike Empress.
Откриени две нови хидротермални полиња
Научниците пронашле две досега непознати хидротермални полиња на длабочина од речиси 4.000 метри. Станува збор за места каде што топлината и хемикалиите од внатрешноста на Земјата се ослободуваат во океанот, создавајќи услови за живот далеку од сончевата светлина.
Едно од откриените полиња е особено големо. Тоа се состои од 23 хидротермални извори, од кои 13 имале активни „црни оџаци“ – структури од кои излегува врела течност богата со минерали.
„Ова откритие покажува зошто истражувањето и понатаму е исклучително важно. Дури и во Атлантскиот Океан, каде што границите на тектонските плочи се проучуваат со децении, сè уште постојат места каде што првиот близок поглед може да открие нешто сосема ново.
Оваа експедиција покажа дека дури и во еден од најоддалечените агли на океанот, нашата планета останува жива, динамична и полна со изненадувања“, изјави Арон Микалеф.
Важно откритие и за потрагата по живот на други светови
Двете хидротермални полиња се поврзани со редок процес наречен серпентинизација. Станува збор за хемиска реакција при која морската вода реагира со минералите во карпите, создавајќи водород и други хемиски соединенија што можат да ги хранат микроорганизмите во длабокото море.
Научниците сметаат дека проучувањето на овие процеси не е важно само за подобро разбирање на животот на Земјата, туку и за потрагата по можен живот на други светови, каде што слични услови би можеле да постојат под површината на океани или ледени месечини.







