Научниците во поплавен рудник во Германија открија бактерии кои, со помош на глицерол, самостојно го претвораат опасниот, растворен ураниум во стабилен и целосно безопасен цврст минерал.
Децении откако рудникот за ураниум Висмут беше затворен по обединувањето на Германија во 1990 година, неговите поплавени подземни рударски простории и понатаму се контаминирани, поради што е неопходно постојано прочистување на водата. Сепак, научниците открија дека микроорганизмите, кои веќе успешно опстојуваат во оваа исклучително неповолна средина за живот, можат природно да го имобилизираат растворениот ураниум, што укажува на неочекувана можност и потенцијално решение за идните санации на радиоактивно загадување.
Истражувањето на микробиолози и еколози за природни ресурси од германскиот истражувачки центар „Helmholtz-Zentrum Dresden-Rossendorf (HZDR)“ и Универзитетот во Гранада во Шпанија, поврзано со ова откритие, е објавено во списанието „Nature Communications“. Работејќи со примероци од вода собрани на влезот во постројката за прочистување на водата во рудникот, научниците во лабораториски услови ги симулирале подземните услови со многу мала количина кислород, бидејќи на длабочина од околу 2.000 метри, кислородот по правило е присутен во многу мали количини или воопшто го нема.

Водечката авторка на истражувањето, Евелин Кравчик-Барш, микробиолог од "HZDR", во соопштение објавено на веб-страницата на центарот изјави дека претходните истражувања веќе покажале оти бактериите можат да го користат ураниумот растворен во вода за својот метаболизам, доколку им е достапен глицерол. Новото истражување за првпат покажало дека токму глицеролот им овозможува на бактериите да го претворат токсичниот растворен ураниум во стабилно хемиско соединение.
Микробиологот Антонио Њуман-Портела од "Helmholtz-HZDR" додаде дека ураниумот во природата најчесто се појавува во оксидативна состојба +4 или +6 (електричен полнеж на атомот на ураниум во хемиските соединенија, кој ги одредува неговите хемиски својства и начинот на врзување со други елементи), додека ретката петовалентна форма +5 досега се сметала за нестабилна или само привремена.

По инкубацијата со глицерол, микроорганизмите го претвориле ураниумот во неговата петовалентна состојба. Во присуство на бактериите, таквиот ураниум се соединил со железо и кислород, при што се формирало соединението FeU(V)O4 – соединение што им било познато на научниците, но досега никогаш не било забележано дека природно настанува како резултат на дејството на бактерии.
По 130 дена, во примероците останале само околу пет проценти од ураниумот растворен во водата, додека вградувањето на ураниумот во клеточните ѕидови на микроорганизмите дополнително го поттикнало создавањето на споменатиот стабилен минерал, по неговото изложување на кислород.

Глобален потенцијал
Радиоактивното загадување со ураниум претставува проблем во бројни делови од светот. Површинските и подземните води во САД, Индија, Канада, Франција, Јужноафриканската Република и Австралија повремено ја надминувале препорачаната концентрација од 0,03 милиграми ураниум на литар вода.
Авторите на студијата нагласуваат дека биоремедијацијата со децении се истражува како поекономична алтернатива на физичко-хемиската обработка на радиоактивно загадените води и заклучуваат дека процесите утврдени со ова најново истражување би можеле да се применуваат и надвор од Германија.
Сепак, пред тие да почнат практично да се применуваат во санацијата на радиоактивното загадување, ќе бидат потребни дополнителни истражувања.














