Амбициите на Илон Маск за иднината на „SpaceX“ и човештвото се темелат на идеја создадена уште во 1960-тите години, кога астрономите почнале да примаат мистериозни и непознати радиосигнали од вселената.
Советскиот астроном Николај Кардашев бил еден од пионерите во потрагата по вонземска интелигенција, а инспириран од можноста сигналите од потенцијални цивилизации да можат да се детектираат од Земјата, предложил скала за нивна класификација врз основа на количината на енергија што би можеле да ја произведуваат. Неговиот концепт денес е познат како Кардашевова скала, пренесува „CNN“.
Маск често се повикува на оваа скала, а последен пат тоа го направи во видео објавено на „X“ пред спектакуларната иницијална јавна понуда на „SpaceX“ во јуни, како и во изјава објавена на веб-страницата на компанијата.
Во документот е сумирано барањето што годинава „SpaceX“ го поднесе до Федералната комисија за комуникации на САД, со кое бара дозвола за испраќање до еден милион нови сателити во орбитата за создавање центри за податоци во вселената. Маск изјави дека оваа нова констелација би претставувала „прв чекор кон достигнување цивилизација од втор степен според Кардашев“.

Три степени на развој на цивилизацијата
Кардашевовата скала има три нивоа.
Цивилизацијата од Тип I може да ја користи целокупната енергија на една планета, без разлика дали таа енергија потекнува од самата планета или од нејзината ѕвезда.
Цивилизацијата од Тип II е способна да ја искористи целата енергетска моќ на една ѕвезда и да испраќа информации на галактички растојанија.
Цивилизацијата од Тип III може да ја искористи енергијата на цела галаксија и да комуницира со други галаксии.
Иако скалата има свои критичари, таа поттикнала бројни научни дебати и претрпела повеќе ревизии, а експертите ја сметаат за корисна, иако неофицијална, алатка за проценка на технолошкиот развој.
„Во принцип, Кардашевовата скала е речиси единствената научна рамка што ни овозможува објективно да го процениме технолошкото ниво на една цивилизација, особено нејзината способност за искористување и употреба на енергијата“, изјави Заза Османов, соработник на Институтот SETI и вонреден декан на Факултетот за физика при Слободниот универзитет во Тбилиси.
„Попрецизно кажано, таа ни овозможува да го процениме и споредиме обемот на енергетските ресурси што една цивилизација може да ги контролира.“

Каде се наоѓа Земјата на оваа скала?
Во својот труд од 1964 година, Кардашев го опишал Тип I како „технолошко ниво блиску до она што моментално е достигнато на Земјата“.
Американскиот астроном Карл Саган во 1970-тите предложил ревизија на скалата со воведување децимални вредности, при што проценил дека човештвото се наоѓа на приближно Тип 0,7.
Важно е да се нагласи дека верзијата на Саган е логаритамска, што значи дека разликата меѓу 0,7 и 1 е многу поголема отколку што изгледа.
Најновата проценка, објавена во 2023 година, го сместува човештвото на Тип 0,7276, со предвидување дека до 2060 година би можеле да достигнеме 0,7449.
„Според сегашните енергетски и технолошки трендови, достигнувањето на статусот цивилизација од Тип I најверојатно би траело илјадници години, освен ако големи технолошки пробиви, како масовната примена на обновливите извори на енергија или нуклеарната фузија, значително не ја променат таа траекторија“, изјави Антонг Жанг, главен автор на студијата и гостин-истражувач на Харвард.

Патот кон повисоко ниво
Со оглед на тоа што човештвото сè уште не го достигнало ниту Тип I, се поставува прашањето дали е реално да се стреми кон Тип II.
Маск смета дека „секоја цивилизација што држи до себе треба барем да достигне Тип II според Кардашев“.
Според Жанг, тоа не значи дека Земјата мора целосно да стане цивилизација од Тип I, туку дека треба да го направи „првиот обид за користење соларна енергија собрана во вселената“.
Сепак, Џејсон Рајт, професор по астрономија на Универзитетот Пен Стејт, предупредува дека искористувањето на целокупната енергија на Сонцето би барало материјали чија маса ја надминува масата на сите астероиди во астероидниот појас.
„Тоа не е ниту реална, ниту пожелна цел за човештвото“, рече Рајт.
Критичарите на скалата одат уште подалеку.
„Практично никој не би сакал да ја искористи целата енергија на една планета, бидејќи со тоа целосно би ја уништил“, изјави Филип Мецгер, планетарен физичар од Универзитетот Централна Флорида.
„Со децении тврдам дека индустријата треба да се пресели надвор од планетата.“
Како и Маск, и Мецгер верува дека иднината на производството треба да биде во вселената, со што, во суштина, би се прескокнал Тип I и директно би се стремело кон Тип II.

Потрагата по напредни цивилизации
Доколку цивилизации од Тип II навистина постојат во нашата галаксија, можеби постојат начини тие да бидат откриени.
Еден од нив е потрагата по хипотетичките Дајсонови сфери – огромни структури составени од соларни панели кои целосно би ја опкружувале една ѕвезда.
Таквата структура би испуштала отпадна топлина во форма на инфрацрвено зрачење.
Студија објавена во 2024 година анализирала пет милиони ѕвезди во Млечниот Пат и идентификувала седум кандидати кои би можеле да бидат домаќини на Дајсонови сфери.
„Тоа покажува дека Дајсоновите сфери, доколку навистина постојат, се исклучително ретки“, изјави Рајт.
Сепак, овие кандидати се оценети како „многу интересни“ и моментално се набљудуваат со вселенскиот телескоп „James Webb“.
Повеќето научници остануваат претпазливи кога станува збор за постоењето на вонземски живот.
„Постоењето на цивилизации од Тип II или Тип III секако е теоретски веројатно“, изјави Томо Гото, вонреден професор по астрономија во Тајван.
„Сепак, недостатокот на набљудувачки докази укажува дека тие се или исклучително ретки, краткотрајни, или суштински се разликуваат од она што го претпоставува Кардашевовиот модел.“
Од друга страна, Заза Османов смета дека цивилизацијата од Тип II е „целосно веројатна“ и дека можеби е дури и полесно да се открие отколку цивилизација на нашето ниво, бидејќи повеќето ѕвезди се значително постари од Сонцето, па цивилизациите околу нив имале многу повеќе време за развој.
Самиот Николај Кардашев, кој почина во 2019 година, верувал дека „моралот и добрината се универзални концепти, исто како Питагоровата теорема“, и дека ниту една цивилизација не може да опстане доколку не се придржува до тие принципи.
Неговата Кардашевова скала и денес претставува вреден мисловен експеримент, иако експертите предупредуваат дека понапредните цивилизации можеби нема да се стремат само кон поголема потрошувачка на енергија, туку ќе им дадат предност на ефикасноста или на обработката на информации.













