Рибата чии ткива се отровни и живее во грчките води деновиве е главна тема во медиумите, откако беа пријавени повеќе инциденти во екот на туристичката сезона. Експертите истакнуваат дека е важно да се знае како реагира телото ако ве касне и како всушност може да дојде до труење.
Опасната риба-зајак (лат. Lagocephalus sceleratus) во последните денови привлекува големо внимание по повеќе инциденти во Средоземното Море. Овој вид, кој потекнува од Црвеното Море, се проширил низ Медитеранот и се смета за една од најопасните риби во тој регион.
Иако е исклучително отровна, важно е да се знае дека каснување и труење не се исто. Експертите предупредуваат дека каснувањето може да предизвика сериозни повреди, но отровот на рибата-зајак не се пренесува преку самиот угриз.
Еве како да препознаете дека ве нападнала риба-зајак и како треба да реагирате.

Како изгледа каснувањето од риба-зајак?
Рибата-зајак има четири исклучително силни заби споени во структура што наликува на клун, па без проблем може да прегризе рибарски конец, јадица, па дури и тенки метални предмети.
Поради тоа, нејзиното каснување може да предизвика:
• длабока расекотина или раскинување на кожата,
• обилно крвавење,
• силна болка,
• оштетување на мускулите и меките ткива и
• во потешки случаи, сериозни повреди на прстите или шаката.
Според предупредувањата на експертите, најголем ризик имаат рибарите и лицата кои се обидуваат да ја извадат рибата од јадицата или да ја земат в рака. Во вода таа најчесто не е агресивна кон луѓето, но станува исклучително опасна кога ќе се почувствува загрозена или кога ќе биде фатена.
Дали каснувањето од риба-зајак е отровно?
Не.
Иако рибата-зајак е една од најотровните видови во Медитеранот, нејзиниот отров не се пренесува преку каснување.
Нејзините ткива, особено црниот дроб, репродуктивните органи и кожата, содржат силен невротоксин – тетродотоксин (TTX), па до труење доаѓа исклучиво доколку рибата се изеде, пишува „Vita4You“.
Овој токсин е исклучително опасен бидејќи не се уништува со варење, печење или пржење, поради што експертите нагласуваат дека рибата-зајак никогаш не смее да се користи за исхрана.

Што треба веднаш да направите ако ве касне риба-зајак?
Ако ве касне риба-зајак, потребно е што побрзо да укажете прва помош:
• запрете го крвавењето со притисок врз раната со чиста газа или ткаенина,
• добро исплакнете ја повредата со чиста вода,
• дезинфицирајте ја раната со антисептик ако го имате при рака,
• што е можно побрзо јавете се во најблиската здравствена установа.
Лекарскиот преглед е важен бидејќи длабоките рани носат ризик од инфекција, а во одредени случаи може да биде потребен дополнителен третман на повредата или антибиотска терапија.
Кога ситуацијата е итна?
Ситуацијата е итна ако некој изел дел од рибата-зајак. Тетродотоксинот, кој се наоѓа во ткивата на ова животно, дејствува врз нервниот систем и може да предизвика:
• вкочанетост на усните и јазикот,
• мускулна слабост,
• отежнато дишење,
• парализа,
• губење на свеста.
Во таков случај потребно е веднаш да повикате Итна медицинска помош или без одлагање да се упатите во најблиската болница, бидејќи труењето може да биде животозагрозувачко.

Каде најчесто се среќава рибата-зајак?
Најбројна е во источниот дел на Медитеранот, особено во водите на Грција, околу Крит, Додеканезите и Кикладите, а постои и мапа со точните локации каде што неодамна е забележана.
Најчесто населува поплитки крајбрежни води со песочно дно и подрачја обраснати со морска трева, а поради порастот на температурата на морето во последните години сè поуспешно се шири низ Средоземното Море.
Иако експертите наведуваат дека рибата-зајак не е склона да напаѓа капачи, се советува да не ја допирате доколку ја забележите или ако се закачи на јадицата, бидејќи токму тогаш постои најголем ризик од сериозни повреди.














