[ФОТО] Кога Ал Пачино пристигнал во ова село, немало ниту вода ниту асфалт! Денес, истото е опколено од туристи поради легендарниот „Кум“

Точка

02/07/2026

17:18

891

Големина на фонт

а а а

Селото Савока на Сицилија има помалку од сто жители, но неговите жители со носталгија се присетуваат на холивудската филмска екипа која пред повеќе од половина век им донесе светска слава.

Популарните филмови и телевизиски серии често имаат моќ да ги претворат малку познатите места во светски познати туристички атракции. Таква судбина доживеа и Савока, живописно село во покраината Месина на Сицилија, на југот од Италија. Сместено на 170 километри источно од Палермо, ова мало место, кое се гордее со титулата едно од најубавите села во Италија („I Borghi più belli d’Italia“), пред повеќе од половина век било домаќин на екипата на култниот филм „Кум“, а неговите жители и денес со носталгија се присетуваат на доаѓањето на холивудската филмска екипа.


Во Савока тогаш речиси немало ништо, а жителите пиеле дождовница од цистерни

Кога Френсис Форд Копола во 1971 година ја ангажирал Енца Тримарки како статистка во филмот „Кум“, тогаш 22-годишната кројачка не ни претпоставувала дека учествува во нешто што ќе ѝ го промени животот.

За неа, која се појавува во една од клучните сцени – свадбата на идниот мафијашки бос Мајкл Корлеоне и Аполонија Вители – доаѓањето на Копола и холивудската ѕвезда Ал Пачино во ридестата Савока претставувало пресвртница не само за неа, туку и за целото село.


„Ми пријде еден член од екипата на Копола и ме праша дали сакам да работам со нив. Бев воодушевена, а воедно и многу млада. Во Савока тогаш речиси немаше ништо: немавме ниту телевизор, ниту водовод, пиевме дождовница од цистерни“, се присетува 76-годишната Енца во изјава за „CNN“.

Патниците од крузерите често се приклучуваат на организираните тури „Il Padrino“

Савока, во која живеат помалку од 100 жители, и повеќе од 50 години подоцна остана силно поврзана со филмот. Од сите сицилијански локации што биле искористени за егзилот на Мајкл Корлеоне, токму таа е најпосетувана. Селото ја прифати оваа нова реалност, иако туризмот значително му го промени секојдневниот живот и придонесе за романтизирање на стереотипите поврзани со мафијата.


Опкружена со насади од цитрусни овошја и маслинки, Савока помеѓу април и октомври прима голем број еднодневни посетители. Патниците од крузерите што пристигнуваат во сицилијанското пристаниште Месина често им се придружуваат на организираните тури „Il Padrino“, кои вклучуваат и посета на блискиот замок Кастело дељи Скијави, вила од 19 век во Фиумефредо, каде што престојувал ликот на Ал Пачино.

Омилени места за фотографирање се црквата, главниот плоштад и локалниот бар „Вители“

Во самата Савока промените доаѓале постепено. Неколку барови, пансиони, апартмани и продавници за сувенири денес работат покрај старите градби, кои во најголем дел го задржале својот средновековен изглед. Надвор од главната туристичка сезона, ова сицилијанско село останува мирно. Наследството од филмот е највидливо на патот од црквата до главниот плоштад, каде што посетителите се фотографираат на местата инспирирани од филмската свадба, како и пред барот „Вители“, каде што Мајкл Корлеоне побарал дозвола да ѝ се додворува на Аполонија.


Мештаните истакнуваат дека Савока имала одреден туристички промет и пред снимањето на филмот, но тој немал поголемо економско значење. „Откако пред околу дваесетина години почнаа да пристигнуваат крузери, туристите едноставно ги има премногу“, вели 72-годишниот Винченцо Пасквале, кој како 18-годишник бил статист и го глумел еден од синовите на господин Вители, сопственикот на барот „Вители“.

На Френсис Копола од летните горештини му помагал десерт од ситно издробен мраз

Споменатиот бар, сместен во зграда од 15 век, стана главна туристичка атракција во селото. Толку е популарен што во екот на туристичката сезона понекогаш мора да се ограничи пристапот поради големите гужви, а сопствениците на барот во меѓувреме отвориле и мал бутик-хотел на горниот кат. Снимањето на „Кум“ во Савока траело само неколку недели во текот на летото 1971 година, но анегдотите од снимањето со задоволство се прераскажуваат и денес.


Тримарки се присетила и на љубовта на Копола кон благото. Таа вели дека режисерот знаел да изеде и до десет гранити дневно (традиционален сицилијански десерт од ситно издробен мраз), кои ги комбинирал со традиционалната цуккарата, колаче посипано со шеќер. „Ги обожуваше. Претпоставувам дека никогаш претходно не ги пробал, а можеби му помагаа полесно да ги поднесе нашите горештини“, раскажува Енца.

На филмската екипа ѝ служеле домати, модри патлиџани во маслиново масло, сирење...

За гранитата, додава таа, користеле вода од истиот бунар што го снабдувал целото село, како и филмската екипа. „За време на снимањето сите ја пиевме таа вода – статистите, глумците и жителите. Испивме толку многу што селските цистерни накратко пресушија“, раскажала Тримарки.


Пред филмот да стане светски познат, барот „Вители“ работел под друго име, а го водела Марија Д'Ариго. Според историчарот Салваторе Кољиторе, таа често по снимањето ги угостувала глумците и членовите на филмската екипа. Им служела свежо сирење тума, салама направена од локално месо, модри патлиџани и домати во маслиново масло, како и домашно вино.

Патиштата биле неасфалтирани и полни со дупки, па ги поправале пред почетокот на снимањето

„Никогаш не сакала да земе пари. Кога Копола на крајот од снимањето ѝ понудил празен чек, таа го искинала и му рекла дека сето тоа го направила за своето село“, раскажува Кољиторе, кој пронашол околу 40 Сицилијанци што биле статисти во филмот и собрал бројни архивски фотографии, кои планира да ги објави во книгата „The Godfather in Savoca“.

„Мора да разберете што значеше тоа за нашето село. Патиштата беа неасфалтирани и полни со дупки, па ги поправија пред снимањето. Имаше многу малку улично осветлување... Доаѓањето на Холивуд беше како да слетале вонземјани“, вели историчарот.


Некои од статистите се присетуваат дека Ал Пачино тогаш, во своите рани триесетти години, бил релативно непознат актер, многу тивок и повлечен човек. Копола, додаваат тие, бил пристапен и опуштен, зборувал малку италијански и сакал да се шегува, но во исто време бил и многу захтевен режисер.

Славниот режисер пред четири години стана почесен граѓанин на Савока

Тримарки, која за своето појавување во филмот добила 100.000 лири (околу 145 евра), вели дека Пачино за време на снимањето се обидувал да научи неколку едноставни италијански фрази.


„Да знаев тогаш дека ќе стане толку голема ѕвезда, ќе го замолев да се фотографираме. За жал, немав фотоапарат. Беше млад, но не беше мој тип. Копола ми беше пошармантен“, се пошегувала таа.


Во 2022 година, Копола бил прогласен за почесен граѓанин на италијанската Савока, а селото и понатаму привлекува посетители фасцинирани од наследството на филмот. Жителите сметаат дека учеството на нивната заедница во снимањето на „Кум“ било пресудно за развојот на местото. И денес со многу емоции се присетуваат на средбата со Холивуд.


„Никој од нив не беше вообразен. Сите беа едноставни луѓе кои ни ја пружија можноста на животот и му овозможија на нашето село да заблеска на големото платно. Тој филм беше вистински дар од небото“, заклучуваат жителите.