Поради своите босански корени, Златан Ибрахимовиќ сосема очекувано навиваше за Босна и Херцеговина против САД, но откако „змејовите“ беа спакувани од избраниците на Маурисио Покетино, легендарниот напаѓач подели нова низа комплименти за домашната селекција.
Ибра уште во групната фаза најави дека Америка може да биде голем проблем на овој турнир и ја посочи како селекција на која може да се гледа како фаворит од втор план, а пожртвуваноста и истрајноста која ја презентираа против Босна го тераат Ибра да ја надополни својата теза.
Златан вели дека поразот на Босна е добра лекција за другите репрезентациите на турнирот, кој сега според него треба со уште поголем почит да гледаат кон тимот на Покетино.
– Ова е причината поради која фудбалот е најголем во светот. САД имаше многу причини да се распадне, но наместо тоа, стануваше посилен на теренот, покажа истрајност и карактер. Прво им беше поништен гол, потоа промашија голема шанса, а останаа и со играч помалку. Повеќе екипи би се распаднале од такви ситуации, но тие не ја изгубија главата и станаа посилни. Продолжија да трчаат, продолжија да вршат притисок и тоа е она што најмногу ме импресионираше од нив.
– Од друга страна, Босна за жал испадна од Светското првенство, но сите од оваа земја се покажаа на теренот, но и на трибините. Сега сите во Америка ги знаат босанските песни. Што се однесува до денешниот меч, Босна ги имаше сите прилики да ги искористи околностите и да се врати во мечот, но делуваше раздрмано. Играњето против десетмина на теренот треба да биде предност, но наместо тоа, видовме дека Америка беше подобра на теренот и во таква ситуација.
– Тоа е голема лекција за сите репрезентации кои уште се на турнирот. Тешките моменти не ја одредуваат вашата судбина, туку начино на кој реагирате во тешки ситуации. Резултатот покажува дека САД победи, но нема да ја прикаже реалната слика. Ова беше натпревар на кој се одеше против нив, но тие и покрај тоа пронајдоа пат до победата. Кога ќе преживеете ваков меч на мундијал, станувате опасен ривал за било кого. Останатите репрезентации треба да ги сфатат посериозно, бидејќи САД покажа дека знат да страда, да се бори и да победува и кога работите одат против нив, – изјави Ибра.











