Додека по неколкумесечните тензии на Блискиот Исток сè повеќе се зборува за нормализирање на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, на светскиот пазар на нафта се случува неочекуван пресврт.
И покрај предупредувањата за можен недостиг и драстичен раст на цените на енергенсите, пазарот остана значително постабилен отколку што предвидуваа многу експерти. Причината за тоа, според анализата на Си-ен-ен, не се само дипломатските напори на Соединетите Американски Држави и Иран, туку и потезите на Кина. Најголемиот светски увозник на нафта во последните месеци го намали купувањето сирова нафта, ги користеше сопствените резерви и го забрза преминувањето кон алтернативни извори на енергија. На тој начин го ублажи притисокот врз глобалниот пазар.

За време на конфликтот, одредени аналитичари предупредуваа дека цената на нафтата би можела да достигне и 200 долари за барел. Сепак, таквото сценарио не се оствари. Дан Валтер од енергетскиот тинк-тенк „Ембер“ за Си-ен-ен изјавил дека Кина одиграла клучна улога во ублажувањето на последиците од кризата за Азија, но и за светската економија. Дополнителен оптимизам на пазарот донесоа очекувањата дека сообраќајот низ Ормускиот Теснец наскоро би можел целосно да се нормализира. Референтната цена на нафтата „брент“ на почетокот на неделата падна под 78 долари за барел, што покажува дека инвеститорите веруваат во постепено закрепнување на синџирите на снабдување.
Аналитичарите на „Сосиете Женерал“ проценуваат дека војната во Иран влијаела врз околу 14 отсто од глобалното снабдување со нафта. И покрај тоа, пазарот не доживеа шок каков што беше забележан за време на некои претходни енергетски кризи.

Експертите ја опишуваат Кина како своевидна „невидлива рака“ што повторно ја воспоставува рамнотежата на пазарот. Имено, земјата можела да го намали увозот за околу три милиони барели дневно, со што ја ублажила глобалната побарувачка во период на зголемена неизвесност.
Јанив Шах од компанијата „Ристад енерџи“ истакнал дека Кина со години создавала големи стратешки резерви, користејќи ги поволните испораки на руска и иранска нафта. Денес располага со повеќе од една милијарда барели складирани во комерцијалните и државните резерви, а дел од тие резерви почнала да користи уште во текот на мај.
Истовремено, Пекинг го ограничил извозот на бензин и дизел за да обезбеди стабилно снабдување на домашниот пазар. Таквата политика дополнително ја намалила потребата на кинеските рафинерии да купуваат нови количества сирова нафта на меѓународниот пазар.

Голема улога во промените на пазарот има и забрзаната електрификација на сообраќајот во Кина. Денес, речиси секој втор нов автомобил продаден во земјата е електрично или хибридно возило.
Според проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), кинескиот возен парк на електрични возила минатата година ја намалил потрошувачката на нафта за приближно еден милион барели дневно. Дејвид Фишман од консултантската компанија „Лантау груп“ смета дека токму тоа било една од клучните причини поради кои за време на кризата не дошло до уште поголем раст на цените.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека потпирањето на постојните резерви не може да продолжи бесконечно. Доколку цените повторно паднат, Кина би можела да продолжи со полнењето на стратешките резерви, што повторно би можело да влијае врз движењата на пазарот.
Додека пред неколку месеци доминираа предупредувањата за можен недостиг на нафта, најновите проценки на Меѓународната агенција за енергија укажуваат на сосема поинакво сценарио. Агенцијата проценува дека во текот на следната година растот на производството би можел да го надмине растот на побарувачката за дури 4,7 милиони барели дневно.

Главната причина е очекуваното закрепнување на производството на Блискиот Исток и враќањето на дел од моментално блокираните количества на светскиот пазар. Аналитичарката на компанијата „Кплер“, Мују Сју, смета дека вишокот на понуда би можел да почне да се чувствува веќе во текот на следниот месец.
Доколку сообраќајот низ Ормускиот Теснец целосно се нормализира, на пазарот би можеле да се вратат околу 100 милиони барели нафта, кои моментално се надвор од редовните трговски текови.
Дополнителен фактор би можело да биде и зголемувањето на иранското производство, особено доколку дојде до ублажување на американските санкции. Но, таквиот развој на настаните би можел да го намали интересот на Кина за иранската нафта, која во последните години ја купувала по поповолни цени.
Кризата истовремено ги забрза инвестициите во обновливи извори на енергија. Кина, која е водечки светски производител на електрични автомобили, батерии и соларна опрема, по почетокот на конфликтот забележала рекорден извоз на технологии за чиста енергија.
Аналитичарот на „Тривиум Чајна“, Козимо Рис, оценил дека преминот кон електрификација се забрзува од месец во месец.














