Тешкото поднесување на жештините не е случајно: Топлотната исцрпеност може брзо да премине во топлотен удар

Точка

22/06/2026

23:01

392

Големина на фонт

а а а

Екстремно топлите денови, кога температурите надминуваат 34 степени Целзиусови, стануваат сè почести, а топлотните бранови се подолги и поинтензивни. Истовремено, поднесувањето на високите температури со текот на годините станува сè потешко, и тоа не е случајно. Процесот на стареење и екстремните жештини едноставно не одат заедно.

Високите температури го зголемуваат ризикот од опасни заболувања поврзани со топлината, а особено се загрозени лицата постари од 60 години поради биолошките промени што се случуваат со стареењето на организмот.

Раното разладување е клучно, бидејќи нелекуваната топлотна исцрпеност може брзо да стане животозагрозувачка. Имено, топлотната исцрпеност лесно може да премине во топлотен удар, состојба која претставува сериозна опасност по животот.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека смртноста поврзана со високите температури кај лицата постари од 65 години е зголемена за 85 проценти помеѓу 2000 и 2021 година, а зад тоа стојат неколку механизми.


Како стареењето го прави организмот поранлив на жештините

Дури и ако некој е во одлична здравствена состојба, стареењето може да го направи поподложен на заболувања поврзани со високите температури, како што се топлотната исцрпеност, кога телото тешко ја регулира сопствената температура, или топлотниот удар, кој може да биде опасен по живот.

„Телото природно ја губи способноста за разладување со текот на времето. Постарите лица имаат тенденција да задржуваат повеќе топлина од помладите и вложуваат повеќе напор за да одржат стабилна телесна температура – изјави за „Health“ д-р Винелена Канио, специјалист по геријатриска медицина во „Kaiser Permanente Northern California“.

Три клучни фактори стојат зад овие промени:

Помалку ефикасна циркулација на крвта

Кога надворешната температура е висока, телото интензивно работи за да се разлади. Крвта се насочува кон кожата, а крвните садови се шират за да се поттикне потењето, кое помага во регулирањето на телесната температура, објаснува д-р Ричард Маротоли, геријатар од Медицинскиот факултет на Јејл.

Со стареењето, промените во срцето и крвните садови ја намалуваат ефикасноста на циркулацијата на крвта, поради што контролата на телесната температура станува значително потешка.

Намалена способност за потење

Истовремено, стареењето ја намалува способноста за потење, што го нарушува природниот механизам за ладење на телото.

Причината е што со годините кожата станува потенка, а каналите на потните жлезди се приближуваат до површината на кожата. Во исто време се губи колагенот – протеин кој учествува во создавањето на сврзното ткиво. Оваа комбинација доведува до притисок врз каналите на потните жлезди, што го отежнува ослободувањето на потта.

Поголема склоност кон дехидратација

Чувството на жед и потребата за внесување течности постепено слабее со возраста, а истовремено се намалува и способноста на бубрезите да ја регулираат рамнотежата на течностите и електролитите.

Една студија покажала дека стапката на гломеруларна филтрација, важен показател за функцијата на бубрезите, може да почне да опаѓа уште по 40-тата година, што укажува на зголемена подложност на дехидратација.

Дополнително, постарите лица почесто користат лекови како диуретици или седативи, кои можат да предизвикаат дехидратација или дополнително да ја намалат способноста на телото за потење.

Постарите лица, исто така, почесто страдаат од хронични заболувања кои можат дополнително да се влошат за време на екстремни горештини.

„Секој што има проблеми со срцето, белите дробови, бубрезите, електролитниот баланс или когнитивни нарушувања може да биде особено чувствителен на овој дополнителен стрес – предупредува д-р Ричард Маротоли.

Симптоми на кои треба да се обрне внимание

Топлотните заболувања најчесто започнуваат со главоболка, но кај некои луѓе можат да се појават и:

• сува уста,

• вртоглавица,

• замор,

• збунетост,

• забрзано чукање на срцето.

• Екстремните жештини можат да предизвикаат болка во градите, што може да биде знак за срцев удар – предупредува д-р Винелена Канио.


Што да направите кога ќе се појават симптоми на топлотно заболување?

Според неа, за брзо разладување потребно е да се нанесе ладна вода на лицето и вратот, а потоа и на рацете и стапалата.

Доколку имате ладни облоги или компреси, тие треба да се постават на зглобовите, горниот дел од градите, горниот дел од грбот и долниот дел од вратот.

Постарите лица треба да престојуваат во климатизирани простории колку што е можно повеќе. Спуштањето на ролетните во текот на денот може значително да го намали загревањето на домот.

Пиењето повеќе вода од вообичаено исто така помага телото да остане разладено и хидрирано, а напитоците богати со електролити, како спортските пијалаци и соковите од овошје и зеленчук, можат да ги надоместат минералите изгубени преку потењето.

„Ако чувствувате жед, веќе сте дехидрирани“, предупредува д-р Канио.

Се препорачува носење широка, лесна и светла облека, како и туширање или капење со ладна вода.

Исто така, треба да се избегнуваат напорни физички активности и да се одмара додека не помине периодот на екстремни горештини.