[ВИДЕО] „Југославија“ во Сингапур: Пекарница што ја основале Македонци, а ги воодушевува странците и локалните жители

Точка

20/06/2026

15:49

768

Големина на фонт

а а а

Ако на аеродромот во Сингапур ви замириса бурек или ви се причини дека слушате југословенска музика – не ви се причинува, „Yugoslavia Bakery and Cafe“ е познато „парче од Балканот“ во оваа егзотична земја.

Синџирот кафулиња и пекарници наречен „Yugoslavia“ во Сингапур не привлекува внимание само со името, туку и со целиот концепт. Брзо стана локална атракција, а засега има три локации во Сингапур, од кои особено внимание привлекува токму објектот на познатиот аеродром.

Го основале Митре и Катерина од Македонија, со желба на жителите на Сингапур да им ги доближат традиционалните рецепти што ги наследиле од своите семејства.

Како што може да се прочита на веб-страницата, локалот има „мисија да им доближи нова димензија на храната и културата на жителите на Сингапур“, а тоа го прави преку понудата на специјалитети од овие простори, но и преку амбиентот.

Таму се служат бурек (и со месо и со сирење), кифли, ванилици, штрудли, баклави, бајадери, орасници, ѓевреци… и, секако, домашно кафе – сопствениците инсистираат на балканската култура на пиење кафе, па затоа не зачудудва што гостите остануваат подолго отколку што планирале.

На ѕидот има слика од Тито, додека во заднина се пуштаат партизански песни.

Интересно е што, иако би се очекувало едно вакво место првенствено да стане собирна точка за луѓето од просторите на поранешна Југославија, привлечени од „мирисите на домот“, најголемиот дел од гостите се локални жители и странци кои живеат во Сингапур.