Додека најпознатите грчки острови со години се под притисокот на масовниот туризам, еден од нив успеа да ја зачува својата душа.
Тасос, „лебдечката шума“ на Егејското Море, е дестинација каде што не чекате во редици за селфиња, туку уживате во мирот што полека исчезнува од туристичките мапи на Европа.

Тасос е едно од оние ретки места што сè уште ѝ пркосат на комерцијализацијата. Тука нема да најдете бесконечни редови бетонски одморалишта или бучни атракции. Наместо тоа, ќе ве пречека автентична Грција.. Зелени ридови, природни плажи и планински села каде што времето како да застанало пред половина век.
Овој остров е идеално засолниште за оние кои сакаат да избегаат од градската врева, но и за парови кои бараат романса во дива, недопрена природа.
„Сига-сига“ - филозофија која ќе ве натера да се заљубите
На Тасос, сига-сига (бавно-бавно) не е само маркетиншки трик за туристите, туку вистинска филозофија на секојдневниот живот. Ритмите на островот се бавни и смирувачки. Утрата во пристаништата започнуваат тивко, со враќањето на рибарите од морето и првиот мирис на силно грчко кафе.

Посебниот шарм на островот е скриен во неговата внатрешност. Тесните улички на селата Панагија и Теологос ве водат низ историјата, каде што секој камен раскажува приказна за традицијата, а мирисот на јагнешко од ражен и локален мед ве поканува на долг, опуштен ручек што трае со часови.
Плажи што го одземаат здивот
Она што го издвојува Тасос од другите острови е неверојатната разновидност на брегот.
Златна плажа - една од најдолгите плажи, со ситен лесен песок и плитка вода, е совршена за семејства и за оние кои уживаат во долги прошетки со звукот на брановите.
Плажа Рај - скриена во зелен залив, оваа плажа со своето тиркизно море и густа шума што ја опкружува го оправдува своето име, бидејќи навистина изгледа како мал рај на земјата.

Плажа Металија - за љубителите на необични пејзажи, западниот брег нуди плажа обрабена со остатоци од стари рудници, давајќи ѝ донекаде суров, но неодолив индустриски карактер.
Сепак, бисерот е Мермерната плажа. Наместо песок, тука ќе стапнете на бели мермерни камчиња што ја рефлектираат светлината толку интензивно што водата добива нереална, светло сина боја. Тасос е познат по својот мермер уште од античко време, а оваа плажа е најубавиот потсетник на тоа минерално богатство што го направило островот познат низ целиот Медитеран.

Романса под отворено небо
За оние кои бараат најубава фотографија на островот, Гиола, природен базен во карпата што станал симбол на Тасос, е задолжителна станица. Според легендата, самиот Зевс го создал овој базен за да може божицата Афродита да се искапе во него. Иако е популарен кај капачите во текот на денот, доцните попладневни часови на карпите над Гиола носат мир и прекрасен пејзаж, идеален за романтични моменти.

Вечерите на Тасос им припаѓаат на семејните таверни. Индустриска храна не се јаде тука. Менијата зависат од тоа што рибарите уловиле тоа утро и што донеле локалните градинари. Свежа риба, маслиново масло од врвен квалитет и локално вино придружени со звукот на чинелите тераат да се запрашаме - како е можно овој вид мир воопшто да преживеал во денешна Европа?












