Уште една победа на Аргентинците, зачинета со историски голови на Лионел Меси.
Не мора Аргентина да го игра најубавиот и најатрактивниот фудбал во светот кога во своите редови го има Лионел Меси.
Неверојатниот Лео повторно доминираше и со два гола против Австрија во второто коло од групата Ј ја турна Аргентина во нокаут-фазата на Светското првенство – 2:0.

Головите на денешниот натпревар му донесоа уште еден рекорд – стана најдобар стрелец во историјата на Мундијалите, надминувајќи го Мирослав Клосе. Во моментов Меси е на бројка од 18 погодоци, а изгледа дека и на ова првенство ќе остане во игра до самиот финиш, па ќе има можност дополнително да го подобри својот резултат.
Натпреварот не започна најдобро за Лео. Во деветтата минута промаши пенал. Тоа беше негов трет промашен удар од белата точка од вкупно седум изведени на светските првенства.

По стартот на Штефан Пош врз Лаутаро Мартинез и долгата ВАР-проверка беше досуден пенал за Аргентина, но волшебникот од Росарио промаши цел гол.
Меси имаше уште две големи шанси – во 19. и 31. минута, но не успеа да погоди.

Сепак, историскиот момент се случи во 39. минута. Факундо Медина центрираше по земја од левата страна, Тијаго Алмада ја пропушти топката, а Меси од 14-15 метри го совлада Александер Шлагер и го постигна својот 17-ти гол на мундијалите.
Во второто полувреме Аргентинците свесно го намалија ритамот. Им ја препуштија топката на Австријците, кои не успеваа да создадат посериозна шанса. Вреди да се споменат обидот на Марсел Сабицер од слободен удар во 55. минута, кога добро интервенираше Емилијано Мартинез, како и ударот со глава на Михаел Грегорич во 67. минута, кој заврши над голот.

Печатот на победата на „гаучосите“ беше ставен во 95. минута. Во ситуација еден на еден се најде Хулијан Алварез, но Шлагер успеа да го одбрани неговиот удар. Топката се одби до Меси, кој шутираше, погоди во блокот, по што топката повторно му се врати. Со пожртвувана реакција Лео успеа да ја смести во мрежата и да го постигне својот петти гол на овој Мундијал и вкупно 18-ти во кариерата на светските првенства.
Со оваа победа Аргентина обезбеди место во нокаут-фазата, а Лионел Меси уште еднаш потврди дека и понатаму е човекот кој ги поместува границите на фудбалската историја.













