Општина Гази Баба најави повеќе од 60 проекти за ова лето – најавени се нови улици, градинки и училишта

Макфакс

22/06/2026

11:10

153

Големина на фонт

а а а

Општина Гази Баба најави реализација на повеќе од 60 капитални проекти ова лето, вклучувајќи нови улици, детски градинки, училишта и важни комунални инвестиции за подобрување на инфраструктурата и условите за живот на населението.

Општина Гази Баба најави интензивен летен период на реализација на капитални и развојни проекти, при што во ист временски период ќе бидат реализирани повеќе од 60 проекти во речиси сите населени места на територијата на општината.

Во наредните денови ќе бидe пуштенa во употреба новата детска градинка во Трубарево, а дополнително ќе се зголеми динамиката на изградба на останатите две нови детски градинки во Инџиково и помеѓу Маџари и Керамидница.

Паралелно се реализираат и значајни комунални проекти. Се работи на изградба на фекалните канализациски системи во Идризово, Јурумлери, Гоце Делчев и Чукур Маало, додека во Стајковци се привршува изградбата на каналот за одводнување – проект од особено значење за заштита на населението и земјоделските површини.

Голем дел од инвестициите се насочени кон образованието. Наскоро ќе биде завршена новата училишна зграда на ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, а во тек е и доградбата на ООУ „Крум Тошев“. Во текот на летниот распуст ќе се изведуваат градежно-занаетчиски работи во сите основни училишта, со цел учениците да добијат подобри и побезбедни услови за настава.

Општината продолжува и со мерките за директна поддршка на семејствата преку обезбедување бесплатни училишни униформи за сите ученици и финансиска помош од 3.000 денари за секое прваче.

Во делот на спортската инфраструктура, до крајот на летото ќе бидат завршена новата спортска сала во Црешево и ќе заврши првата фаза за изградба на салата во Железара, кои ќе овозможат подобри услови за спорт и рекреација на младите.

„Во текот на летните месеци ќе се реализира и обемен циклус на реконструкција и изградба на локална патна инфраструктура. Предвидени се реконструкции на улица 519 во Керамидница, улица Пехчевска во Хиподром и улица Жал Жорес на потегот од Кино Маџари до натпатникот кон Ченто, како и реконструкција на повеќе од 20 улици во различни населени места. Истовремено ќе се градат нови пешачки патеки со павер елементи на повеќе локации низ општината“, соопштија од Општината.

Во областа на водоснабдувањето, од Општината најавија дека ќе бидат реализирани нова бушотина во Раштак и нова филтер станица во Булачани, со што дополнително ќе се подобри сигурноста и квалитетот на водоснабдувањето.