Постојат љубови што никогаш не згаснуваат, дури ни кога животот ќе направи најдлабока и најболна рана. Приказната на легендарната актерка Ева Рас (85), нејзиниот сопруг Радомир Стевиќ Рас и нивната прерано почината ќерка Круна Рас (24) е токму таква.
Децении по смртта на сопругот и ќерката, Ева зборува за нив со многу топлина и благодарност, откривајќи пред јавноста досега непознати детали од животот со, како што вели, двајца генијални луѓе.
Актерката Ева Рас (85) се мажела трипати. Сепак, за неа значење имал само бракот со Радомир Стевиќ Рас (51), со кого го добила своето единствено дете – ќерката Круна Рас (24).

Иако, како што раскажала во подкастот „Животна приказна“, биле семејство за пример во кое гледал целиот Белград, нивната среќа не траела долго. Сликарот и основач на првиот приватен театар во поранешна Југославија починал на 51-годишна возраст, кога неговата и ќерката на Ева, Круна, имала само 14 години.
На прашањето дали чувствувала страв како сама ќе ја одгледува ќерката, Ева Рас одговара дека не била сама – имала семејство како потпора, но и нешто многу посилно.
„Мајка ми беше жива, татко ми беше жив, сестрите, брат ми... Сите беа живи и тие ми беа потпора. А најголема потпора ми беше самата Круна, која исто така беше генијална. Таа велеше: ‘Не знам како да те утешам. А тоа требаше ти мене да ми го кажеш, бидејќи мене не ми треба другарка, туку мајка. Ти си моја мајка, но не можеш да бидеш тоа’,“ раскажала Ева Рас.
Зборувајќи за односот со својата единствена ќерка Круна Рас, легендарната актерка признава дека често се обидувала да ѝ биде другарка, бидејќи не можела да се носи со, како што вели, „двајца генијални луѓе“ – својот сопруг Радомир Стевиќ Рас и нивната ќерка.
„Рас и таа ме читаа како отворена книга. Слушаа и разбираа сè, без воопшто да почнам да зборувам – сè им беше јасно.“: раскажала Ева Рас.
Круна, како што раскажува, многу рано покажала извонредна надареност. Веќе на три и пол години пишувала смислени реченици.
Радомир Стевиќ Рас еден ден седнал со неа и ѝ рекол: „Ајде, мораме да поразговараме – од каде ти знаеш да читаш и пишуваш?“ Таа одговорила, многу луто: „Јас читам и титлови кога гледате филмови!“, раскажала Ева Рас.
На прашањето кој ја научил, девојчето дало одговор што ги изненадил сите:
„Па никој… Па сите знаете да читате и пишувате… Морав и јас да научам, да знам.“
Иако многу родители би се исплашиле од таква генијалност, Ева Рас вели дека чувствувала само благодарност:
„Јас бев среќна што тие ме сакаат, затоа што јас не им бев дорасната.“
За љубовта со Радомир Стевиќ Рас се присетува без задршка, истакнувајќи дека била безусловна:
„Тој ме сакаше и кога бев валкана, и кога ми испадна заб, и кога бев убава, и кога бев грда, и кога бев глупава, и кога бев паметна – што и да бев, тој сè тоа го сакаше кај мене.“
Круна Рас, како дете, дури и била љубоморна на таа љубов, но, како што истакнува Ева Рас, тоа го покажувала на свој начин:
„Круна, како наше дете, беше љубоморна на татко си, па ме сакаше уште повеќе. Ние бевме пример за целиот Белград… Како одевме пешки, како се држевме за раце… Никогаш не се каравме, никогаш.“
Круна не одела во обична градинка – поради специфичните околности ја запишале во француско предучилиште. Таму ја запознала воспитувачката Ирина, со која веднаш развила посебен однос.
„Тоа беше взаемна љубов… и Круна веднаш го научи францускиот, како мајчин јазик.“
Подоцна, се присетува Ева Рас, токму тоа знаење ѝ ги отворило вратите за заминување во Франција:
„Во деведесеттите години веќе беа братски војни, веќе беше опсадата на Сараево, сè беше во целосен хаос… Дојде француска делегација и им го доделија Горан Паскаљевиќ, бидејќи имал сопруга Французинка и зборувал француски исто како Круна – од мали нозе. Круна и Горан се познаваа, бидејќи Круна работеше на Третиот канал, имаше емисија за филм и емисија за хеви-метал, режираше спотови… Затоа и отиде во Франција – Горан ја препорача, бидејќи тие барале студенти што знаат француски и тој веднаш се сетил на Круна.“
Иако имала совршено познавање на јазикот, судирот со новата средина бил полн со контрасти:
„Зборуваше како родена Французинка, но не знаеше да отвори квакa… беше како некој вонземјанин.“
Ева Рас додава:
„Никогаш до крај не го прочитав полицискиот извештај за нејзината смрт.“

Круна Рас во Франција ги продолжила студиите, но нејзиниот живот нагло бил прекинат – починала во 1993 година, на 24-годишна возраст. По нејзината смрт се појавиле различни приказни, а најчесто се споменувало дека починала како последица од употреба на наркотици. Нејзината мајка тоа категорично го демантира:
„Тие приказни овие денови ги поби еден доктор Тодоровиќ. Кога Круна почина во ’93 година, ласерот сè уште не беше широко применет во медицината. Бидејќи почина во Париз, дури и да го имале, не би знаеле како да го користат… Радомир имаше проблем со срцето, и женските деца најчесто генетски го наследуваат – ако таткото имал слабо срце, во 90% од случаите и детето може да го наследи. Денес со ласер можат да се види задебелување на срцевата обвивка – од тоа починала и Оља Ивањицки. И мојата ќерка, на 24 години, од генетски наследена аномалија можела да почине. Тоа се невидливи работи, помали од милиметар, но можат да го запрат срцето. А бидејќи никој не бил таму, била сама… Знаете дека ја нашле мртва додека лупела портокал...“
Ева Рас никогаш не се посомневала во официјалната верзија што ја добила од француската полиција.
„Јас не сум будала. Француската полиција е толку позната во светот – ако тие ми испратат дека починала природна смрт, како јас да одам во Париз и да ја коригирам француската полиција, која е најстрога на планетата? Сите ми зборуваа додека чекав телото да ѝ биде вратено: мораш да одиш, мораш да дознаеш… А тие испратија огромен допис, каде што ја имаа секоја минута од нејзиниот живот“, навела Ева.
Сепак, признава дека никогаш немала сила целосно да го прочита извештајот:
„Мојот кум Миленко Вучетиќ и јас прочитавме некои делови, но не сè“, раскажала Ева Рас во подкастот „Животна приказна“.