Рафаел Надал, кој пред две години официјално се повлече од професионалниот тенис, сподели моменти од семејната прослава во домот на Мајорка, каде што роденденот го поминал опкружен со најблиските — сопругата Марија Франциска Перело и нивните синови Рафаел Јуниор и Мигел.
На фотографиите се гледа насмеаниот Рафаел Надал како го држи постариот син Рафаел Јуниор во скут, додека неговата сопруга во прегратка го држи помалиот син Мигел. Лицата на децата, како и претходно, се замаглени за да се зачува приватноста на семејството, иако веќе сме имале можност поединечно да ги видиме на јавни појавувања на нивниот татко.
„Ви благодарам на сите за честитките за роденден! Беше навистина посебен ден, опкружен со целото семејство“, напишал легендарниот Шпанец покрај објавата која за кратко време собра стотици илјади лајкови.
Иако во текот на кариерата освоил дури 22 Гренд слем титули и со години бил еден од најпознатите спортисти на планетата, Надал секогаш го држел приватниот живот далеку од рефлекторите. Денес, по завршувањето на кариерата, отворено говори дека семејството му претставува најголема среќа.
Во интервјуа повеќепати истакнал дека токму синовите секојдневно го потсетуваат на она што навистина е важно.
„Го сакам татковството. Тоа е едно од најубавите искуства што сум ги доживеал. Најмногу уживам кога ги носам во градинка или училиште и кога потоа ги пречекувам“, изјавил Надал неодамна.

Уште во 2024 година тој признал дека татковството целосно му го променило животот од корен.
„Ме промени целосно, но на подобро“.
Малкумина можат да се пофалат со толку стабилна врска како Рафаел Надал.
Неговата сопруга Марија Чиска Перељо е покрај него уште од 2005 година. Се запознале како тинејџери на Мајорка, а врската со години успешно ја чувале далеку од очите на јавноста. За разлика од бројни спортски парови кои постојано се под рефлектори, Рафаел и Чиска од почетокот избрале дискреција.
Првпат заедно на црвениот тепих се појавиле дури во 2011 година, по шест години врска.

Нивната љубовна приказна добила ново поглавје кога Надал за време на романтично патување во Рим ја запросил својата избраничка. Веридбата била потврдена во 2019 година, иако свршувачката се случила една година порано.
Се венчале во октомври истата година на Мајорка, на раскошна церемонија на која присуствувале бројни познати личности од спортот и шпанската елита.
За разлика од многу сопруги на славни спортисти, Чиска Перељо никогаш не сакала да биде јавна личност. Со години ја водела фондацијата на Рафа Надал и активно учествувала во хуманитарни проекти што ги покренал нејзиниот сопруг.
Надал повеќепати истакнал дека токму благодарение на неа успева да остане приземен и покрај огромната слава. Нивниот однос често се наведува како еден од најстабилните во спортскиот свет, а двајцата ретко зборуваат за приватниот живот во медиумите.

Парот го добил првото дете на 8 октомври 2022 година. Синот Рафаел Јуниор пристигнал на свет неколку месеци откако Надал јавно потврдил дека ќе стане татко.
Веста за раѓањето ја сподели на социјалните мрежи, порачувајќи дека сите се добро и дека се пресреќни.
Три години подоцна, семејството станало побогато за уште еден член. Во август 2025 година Рафаел и Марија го добиле вториот син, Мигел. Името го добил во чест на таткото на Франциска Перељо, Мигел Перељо, кој починал во 2023 година по долга болест.
Иако ретко објавува семејни фотографии, Надал оваа година покажа неколку драгоцени моменти од одмор на Бахамите. Семејството уживало на егзотичните плажи на островот Егзума, а тенисерот тогаш порачал дека токму таквите моменти се најголемото богатство што го има.
„Деновите поминати со семејството нè потсетуваат колку сме среќни и колку е важно да ги чуваме овие места за идните генерации“, напишал тогаш.
А фановите — ги опсипуваат со комплименти, особено за децата, за кои малкумина веруваат дека веќе толку пораснале.