Сутлијачот е еден од оние десерти што никогаш не излегуваат од мода. Кремаст, мирисен и едноставен за подготовка, со генерации бил омилен десерт во домаќинствата низ целиот регион. Сепак, за време на топлите денови може да добие сосема ново, освежително лице.
Со домашен прелив од свежи јагоди, малини или друго сезонско овошје, овој традиционален десерт станува совршен летен десерт. Спојот на нежниот млечен вкус и овошната свежина го прави лесен, а доволно раскошен за да се послужи и пред гости.

🥣1 л полномасно млеко
🥣150 г ориз
🥣80 г шеќер
🥣1 кесичка ванилин шеќер
🥣прстофат сол
🥣300 г јагоди или малини
🥣2 лажици шеќер
🥣1 лажица сок од лимон

Оризот измијте го и исцедете го.
Млекото ставете го во тенџере, додајте прстофат сол и загрејте го до вриење.
Додајте го оризот и варете на тивок оган 35 до 40 минути, со повремено мешање.
Кога оризот ќе омекне, додадете го шеќерот и ванилиниот шеќер, па варете уште неколку минути.
Оставете го сутлијачот малку да се излади.
За преливот, исечкајте ги јагодите на помали парчиња.
Ставете ги во тенџере со шеќерот и сокот од лимон.
Варете пет до седум минути, додека овошјето да омекне и да пушти сок.
Оставете го целосно да се излади.
Распоредете го сутлијачот во чинии, одозгора прелијте со овошниот прелив и послужете го добро разладен.

Пред сервирање додајте неколку свежи јагоди, листови нане или малку рендана кора од лимон. Така од обичниот сутлијач ќе добиете лесен и освежителен летен десерт кој изгледа исто толку добро колку што е и вкусен. Пријатно!