Стар рецепт за нов модел: Пристигнува новата "Cobra" и ќе има V8 без струја

Точка

02/06/2026

14:03

480

Големина на фонт

а а а

Најстариот британски производител најави нова Cobra со брутален V8 мотор со повеќе од 700 коњски сили.

Додека многу производители на спортски автомобили забрзано преминуваат на електричен погон, „AC Cars“ останува верен на рецептот што го прослави. По повод 125-годишнината од своето постоење, компанијата ја претстави новата "Cobra GT Coupe", модел што го спојува класичниот изглед на легендарните Cobra модели со модерна технологија и импресивни перформанси.

Автомобилот е инспириран од тркачкиот модел "AC A98 Le Mans", автомобил кој своевремено достигнал дури 298 км/ч на јавен автопат. За разлика од тој единствен примерок, новата "Cobra" е замислена како важен дел од иднината на брендот и еден од моделите што треба да помогнат во значително зголемување на производството.


„Ford“ V8 мотори

Во „AC Cars“ добро знаат што очекуваат купувачите од моделот Cobra. Затоа, во центарот на приказната повторно е ставен голем V8 мотор и препознатливата мускулеста силуета.

На купувачите ќе им биде понуден 5,0-литарски V8 мотор од „Ford“ во две изведби. Основната атмосферска верзија развива 434 КС и 556 Nm вртежен момент, додека помоќната верзија со компресор располага со дури 710 КС и 820 Nm.

Двата мотора можат да се комбинираат со шестстепен мануелен или десетстепен автоматски менувач.

Според податоците на производителот, автомобилот има речиси идеален распоред на тежината меѓу предната и задната оска во сооднос 50:50.

Новата "Cobra GT Coupe" е и исклучително брза. Масата на возилото изнесува приближно 1.588 килограми, а забрзувањето до 96 км/ч трае само 3,5 секунди, што ја вбројува меѓу посериозните спортски автомобили на денешницата.

Дополнителен адут претставува комбинацијата од алуминиумска шасија и карбонска каросерија, која помага во намалување на тежината и ги подобрува возните карактеристики.


Компанијата сака значително да го зголеми производството

Претставувањето на новото купе е дел од многу поголем план. „AC Cars“ неодамна презеде нов производствен погон кој треба да овозможи значително зголемување на производствените капацитети.

Во моментов компанијата годишно произведува околу 100 рачно склопени автомобили, но целта е производството да се зголеми на дури 1.000 возила годишно.

Покрај новата "Cobra GT Coupe", во понудата ќе се најдат и "Cobra GT Roadster", како и класичната изведба на моделот Cobra.


Првите испораки пристигнуваат во 2028 година

Купувачите ќе треба да почекаат уште извесно време за новата "Cobra". Првите испораки се планирани во текот на 2028 година, а автомобилот ќе биде достапен во верзии со лев и десен волан.

Почетната цена на основниот модел ќе изнесува околу 315.000 долари, додека изведбата со компресорски V8 мотор ќе чини приближно 345.000 долари.

Со новата "Cobra GT Coupe", британскиот бренд сака да покаже дека и во ерата на електрификацијата сè уште има место за автомобили кои се потпираат на традиционални вредности, моќен V8 мотор, лесна конструкција и возачко искуство што со децении беше заштитен знак на моделот "Cobra".