Откриени техничките детали за повратничкото „Yugo“: Хибрид со ниска потрошувачка и цена од 12.000 евра

Точка

27/05/2026

08:01

1.054

Големина на фонт

а а а

Легендарната автомобилска марка „Yugo“ се враќа на пазарот со иновативен хибриден погон без надворешно полнење, исклучително ниска потрошувачка на гориво и исто така многу ниска планирана цена.

По речиси дваесет години од прекинот на производството, водечката автомобилска марка од поранешната држава повторно е во центарот на вниманието. Проектот за оживување на брендот го води српскиот претприемач и универзитетски професор со германска адреса Александар Бјелиќ, кој воедно е и сопственик на правата на името на марката. Откако иницијалниот дизајнерски модел беше претставен минатата година во Минхен, новите детали од стратегијата и техничките спецификации официјално беа откриени на автомобилската конференција „SEE Automotive“ во Белград.


Евтин хибрид

Главниот адут на новиот модел, како што е објавено, ќе биде ценовната пристапност. „Yugo“ е замислен и позициониран како возило кое со најавената цена од околу 12.000 евра би можело да ја понесе титулата на еден од најевтините нови автомобили на европскиот пазар. Со своите карактеристики, проектот настојува да привлече купувачи што бараат економично и современо решение за секојдневно возење.

Според најавите, новото „Yugo“ би требало да користи напреден хибриден погон со технологија на продолжувач на досег („range extender“). Притоа, моторот со внатрешно согорување има улога на генератор за производство на електрична енергија, па поради таквата конфигурација автомобилот нема да зависи од развојот на полначи и јавна инфраструктура, бидејќи функционира без никаква потреба од надворешен кабел и класично полнење на електрична мрежа (концепт што го користат и некои други производители, како „Nissan“).

Благодарение на опишаното технолошко решение, возилото би требало да има многу висока енергетска ефикасност. Според изнесените, но многу оптимистички податоци, предвидената потрошувачка на гориво во идеални услови би требало да се движи на ниво од само 2,2 литри на 100 километри, што би го вброило ова возило меѓу најштедливите автомобили во својата класа.


Дизајн и развојни планови

Кога станува збор за надворешниот изглед, автомобилот останува верен на визуелното решение на студијата од 2025 година, чиј дизајн го потпишува Дарко Марчета од Зрењанин. Станува збор за компактен „hatchback“ модел со три врати, кој со јасни ретро линии и спортски карактер настојува да го задржи препознатливиот дух на оригиналниот модел, но во модерно издание.

Следната голема фаза во развојот на проектот е планирана за 2027 година, кога првиот функционален прототип подготвен за возење би требало јавно да биде демонстриран на меѓународната изложба „Expo“ во Белград. Прашањето за точната локација на идното сериско производство засега официјално останува отворено, бидејќи некогашните погони на фабриката „Zastava“ во Крагуевац повеќе не се достапни, затоа што денес се во сопственост на автомобилскиот концерн „Stellantis“.