Во април во ЕУ се регистрирани речиси милион нови возила, а растот на пазарот повторно го предводеа хибридите и електричните автомобили, додека продажбата на бензинци и дизелаши продолжува да опаѓа.
Побарувачката за „електрифицирани“ автомобили и во април беше главен двигател на автомобилскиот пазар во ЕУ, надоместувајќи ја послабата продажба на бензински и дизел модели, покажуваат податоците што во средата ги објави здружението на производители „ACEA“.
Во април во ЕУ биле регистрирани околу 972 илјади нови автомобили, што е за 5,1 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Во март продажбата скокна дури за 12,5 отсто, поттикната од новите и изменети даночни олеснувања и субвенции во поголемите европски економии, наведува здружението.

Податоците за април, пак, покажуваат стабилизација на четирите најголеми пазари. Во Германија продажбата пораснала за скромни 2,7 отсто, додека во Франција останала на нивото од април минатата година.
Најголем раст во групата на големата четворка е забележан во Италија, каде бројот на регистрирани нови автомобили скокнал за 11,6 отсто, покажуваат пресметките на „ACEA“. Значителен раст е забележан и во Шпанија, од 8,4 отсто.

Популарни хибриди
Најпопуларен погон и во април биле хибридните електрични автомобили, со удел на пазарот од 38,2 отсто и 359 илјади нови регистрации, што е за 12 отсто повеќе отколку лани.
Според дефиницијата на „ACEA“, оваа група ги опфаќа „целосните и парцијалните хибриди“ кои, во зависност од капацитетот на батеријата, можат во просек да возат до 62 отсто од времето исклучиво на електричен погон.
Најсилен раст е забележан кај електричните автомобили на батерии, чија продажба пораснала за 37,7 отсто, со околу 200 илјади нови регистрации. Нивниот удел на пазарот достигнал 19,7 отсто.

Значително е зголемена и продажбата на plug-in хибриди, за 16,5 отсто, со околу 95 илјади регистрирани нови возила и удел на пазарот од 9,6 проценти.
Од друга страна, продажбата на бензинци и дизелаши повторно бележи пад — за 16,3, односно 17,1 отсто.
Бензинските автомобили држат удел од 22,5 отсто, додека дизелашите паднале на 7,7 проценти, покажуваат податоците на „ACEA“.

Резултатите на кинеските компании ја отсликуваат растечката популарност на целосно електричните и „електрифицираните“ возила, па така продажбата на „Leapmotor“ е зголемена петпати, според проценките на „ACEA“. „Chery“ продал речиси четирипати повеќе автомобили, а „BYD“ двојно повеќе отколку во април минатата година.
Раст бележи и „Tesla“, со 67,2 отсто повеќе продадени возила во споредба со април 2025 година.













