[ФОТО] Габриел на матурската вечер во Загреб пристигнал со трактор: „Сакав да им покажам на овие од градот“

Точка

01/06/2026

22:24

410

Големина на фонт

а а а

Габриел Јагатиќ, матурант на Занаетчиската и индустриска градежна школа во Загреб, привлекол внимание на матурската вечер откако пристигна со трактор вреден околу 80 илјади евра.

Со ова необично доаѓање веднаш станал главна атракција на вечерта, пишува „praksa.info“.

Ветување кон соучениците

Габриел, ученик од смерот ракувач со самодвижни градежни машини, објаснил дека неговото пристигнување со трактор всушност е исполнување на ветување што им го дал на соучениците од класот. Со оглед на тоа што доаѓа од село, неговата работа со трактори често била тема на разговор меѓу нив.

„Од првиот ден на училиште сите знаеја дека сум од село и дека работам со трактори. Секогаш прашуваа какви се тие трактори, а мислеа дека се нешто мало. Па им реков: ‘Дечки, ќе видите на матурската дека тоа не се играчки, туку вистински машини.’ Сакав малку да им покажам на овие од градот“, раскажал Габриел низ смеа.


Семејна традиција и страст

Габриел доаѓа од Јежево кај Ругвица, каде неговото семејство се занимава со земјоделство, обработувајќи земја и одгледувајќи различни култури и житни растенија. „Ја обработуваме земјата, работиме сè што треба. Имаме и еден коњ“, вели тој. Тракторот со кој пристигнал на матурската забава е само еден од четирите во семејна сопственост. „Овој е еден од поголемите. Имаме уште еден поголем и два помали. Сите се од 140 до 300 коњи“, појаснува Габриел.


Иако се школувал за управување со градежни машини, работата со трактори е негова страст од мали нозе. „Тоа ми е хоби. Кога имам слободно време, седнувам на трактор и работам. Од утро до ноќ, цела ноќ ако треба“, додава тој.

Главна атракција на вечерта

Необичното пристигнување ги воодушевило сите присутни — од учениците и родителите до професорите. Многумина посакале да се фотографираат покрај тракторот, а дури и класот на Габриел, 3.д, со класниот раководител Дарко Вучиќ ја искористил приликата за заедничка фотографија.


Планови за иднината и порака до осмоодделенците

По завршувањето на школувањето, Габриел планира да работи во струката за која се образувал, но земјоделството останува важен дел од неговиот живот. „Кога ќе завршам, одам да ја работам својата работа, а ова останува за слободно време и кога треба да се помогне“, вели тој за своите планови. Дома го чекаат помал брат и сестра, а на прашањето кој ќе го наследи семејниот бизнис, тој спремно одговара: „Сите по малку.“


За крај, Габриел имаше порака за сите осмоодделенци кои штотуку го избираат своето идно занимање. „Секој треба да оди по она што го сака и што го интересира. Без волја и љубов нема ништо од таа работа. Треба да се избира со срце. Она што ве привлекува, тоа треба да го работите. Насила ништо не оди“, заклучил.