Лауда по завршувањето на кариерата во „Формула 1“ својот пат го продолжи на други писти, поточно се фрли во претприемништво во авио-транспортот. И на тоа поле доживеа трагедија.
Ники Лауда, легендата и трикратен светски шампион во „Формула 1“, почина на 20 мај 2019 година на 70-годишна возраст.
Неговата кариера ја одбележаа три титули светски шампион, но и страшната несреќа по која му било дадено и последно помазание.

Преживеа пламен во болидот
Во текот на возачката кариера ги освои титулите со две од најголемите екипи — со „Ферари“ во 1975 и 1977 година, како и со „Мекларен“ во 1984 година.
Сепак, многумина најмногу ќе го паметат по ужасната несреќа што се случи за време на трката на патеката во Нирнберг во 1976 година, кога неговиот болид се запали, а тој се здоби со изгореници од трет степен на главата и лицето.
Поради тоа остана без поголем дел од десното уво, косата, веѓите и очните капаци, кои подоцна му беа реконструирани со хируршки зафати.
Дополнително, претрпе и сериозно оштетување на белите дробови бидејќи вдишал отровни гасови.
Иако во болница дури му било дадено и последно помазание — а и колегите од сопствениот тим веќе го отпишале — Лауда успеа да закрепне и се врати на трките по само две пропуштени трки, иако таа година остана без титулата светски шампион.
Титулата тогаш ја освои Џејмс Хант со предност од само еден бод, откако Лауда процени дека последната трка е премногу опасна. Од патеката се повлече по само еден извозен круг.
„Дождот паѓаше два часа, а тој идиот, јапонскиот директор на трката, дојде и рече дека трката ќе се вози. За мене тоа беше најглупавата одлука досега. Извозев еден круг за ’Ферари‘ да ги добие парите и едноставно си заминав“, го цитира „Ројтерс“.
Трагедија со повеќе од 200 загинати
По завршувањето на кариерата во „Формула 1“, Лауда својот пат го продолжи во авио-бизнисот.
И таму доживеа трагедија.
Имено, авион на една од неговите авиокомпании „Lauda Air“ во мај 1991 година се урна на Тајланд, кратко по полетувањето од аеродромот во Бангкок, при што загинаа 223 патници и членови на екипажот.
„Boeing 767-300ER“, именуван по Волфганг Амадеус Моцарт, кој летал кон Виена, се запалил и се урнал поради технички проблем, иако првично постоеле сомнежи дека во авионот била поставена бомба или дека станувало збор за пилотска грешка.
Истрагата покажала дека причината за несреќата била активирање на потисните насочувачи среде лет, што било протолкувано како грешка на производителот на „Боинг 767“.
Од друга страна, на страницата „Australian Wings“, во анализа на мистериозната несреќа, се наведува дека за време на истрагата било забележано дека одржувањето што го спроведувале вработените во „Lauda Air“ не било целосно во согласност со регулативите на производителот.
Наводно, со месеци пред несреќата постојано се појавувала порака за грешка на компјутерите на „Моцарт“, но никој од техничарите на „Lauda Air“ за тоа не го известил „Boeing“.
Лично одел на погребите на загинатите
Лауда многу тешко ја поднел смртта на толкав број луѓе.
Веднаш отпатувал на Тајланд и многу активно учествувал во целата истрага.
На погребите на патниците чии тела не биле идентификувани одел лично.

Обвиненијата против него и неговата авиокомпанија биле отфрлени, а во официјалниот извештај на тајландските воздухопловни експерти било наведено дека причината за техничкиот проблем никогаш не била целосно утврдена.
„Луѓето секогаш мислат дека најтешкиот момент во мојот живот беше несреќата на германската трка. Но, не беше. Кога водите авиокомпанија и повеќе од 200 луѓе сакаат да стигнат од точка А до точка Б, а тоа не се случи … тоа е поинаков вид одговорност“, изјави тој за „Observer“ во 2006 година.
Ники Лауда успешно ги продаде своите авиокомпании, па така „Lauda Air“ премина во сопственост на „Austrian Airlines“.














