Тајсон повторно се потсети како го фатил Бред Пит со неговата сопруга

Точка

20/05/2026

17:01

671

Големина на фонт

а а а

Мајк Тајсон, еден од најдобрите и најконтроверзни боксери во историјата, повторно ја разбранува јавноста присетувајќи се на бизарниот ден кога ја затекнал својата тогашна сопруга, актерката Робин Гивенс, со младиот Бред Пит. Инцидентот се случил во 1989 година, во период кога нивниот брак веќе бил на самиот раб на развод.

Гостувајќи во поткастот „This Past Weekend“ кај Тео Вон, „Железниот Мајк“ детално ја опишал средбата со холивудскиот заводник, кој во тоа време сè уште не бил ни приближно голема ѕвезда каква што е денес.

Тајсон објаснил дека, и покрај бракоразводната постапка, секојдневно одел кај Робин за да поминува време со неа. Сепак, тој ден некој друг стигнал пред него.

„Тоа е интересна приказна. Тој (Бред Пит) не ми ја „украде“, но Робин и јас бевме во процес на развод. Еден ден отидов до нејзината куќа, но никој немаше. Потоа видов како пристигнува со „BMW“ што јас ѝ го купив. Помислив дека е некој од нејзините колеги од серијата „Head of the Class“, но не беше никој од нив. Тоа беше Бред Пит“, раскажа Тајсон.

Тој додаде дека тогаш немал поим кој е тоа момче.

„Тогаш сè уште не беше „Бред Пит“. Изгледаше како малку да е „изгубен“, како некој тип од плажа, малку наивно. Немаше ни автомобил“, се присети боксерот низ смеа.

Во својата автобиографија од 2013 година, Тајсон бил уште посликовит во описот на реакцијата на Пит кога го видел светскиот шампион во тешка категорија на вратата.


„Требаше да му го видите лицето. Изгледаше како да се подготвува за последна исповед. Беше преплашен до смрт“, напишал Тајсон, потсетувајќи дека во тоа време важел за „најстрашниот човек на планетата“.

Од друга страна, Робин Гивенс во емисија кај Енди Коен потврдила дека средбата навистина се случила, но остро демантирала дека Тајсон ги затекнал токму во кревет.


„Тоа никогаш, никогаш не се случило“, изјавила актерката, која кратко потоа поднела барање за развод со обвинувања за семејно насилство.

Иако овој љубовен триаголник пред повеќе од три децении ги полнеше страниците на таблоидите, Тајсон денес гледа на сè со доза хумор, истакнувајќи дека нема никаква лоша крв кон Пит, кој од „момче без автомобил“ стана една од најголемите ѕвезди во историјата на филмот.