Досадата му овозможува на умот да талка, што може да доведе до нови инспирации. Истовремено, досадата може да поттикне идеи за исполнувачки активности, покажува преглед на истражување од 2024 година објавено во научното списание „Springer Nature“.
Во суштина, кога некому му е здодевно, тоа може да го мотивира да научи како да ја избегне досадата, а токму тоа е корисна вештина што децата треба да ја развијат, се наведува во истражувањето на „Springer Nature“. Таквите ситуации можат да им дадат можност да развиваат:
• Креативност;
• Имагинација;
• Прилагодливост;
• способност за решавање проблеми.

Авторите на истражувањето дури претпоставуваат дека оваа вештина подоцна во животот би можела да придонесе за подобро ментално здравје и поголема самостојност. Сепак, научниците сè уште немаат дефинитивно потврдено дека тоа навистина е така.
Повеќе досада би можела да им користи и на родителите и старателите. На пример, планирањето помал број активности може да ви донесе повеќе слободно време, да заштеди пари или да го намали стресот.
Меѓутоа, голем дел од родителите не знаат како да се „снајдат“ кога децата се жалат на досада и нудат брзи решенија — најчесто телефон, одредена играчка, книга или филм.
Новак Ѓоковиќ во поткастот „On Purpose“ зборувал за тоа колку е важно чувството на досада и дека имал разговор со својот син на таа тема.
„Досадата е добра работа. Мојот син има 10 години и пред неколку дена имавме активен ден. Бевме покрај езеро, игравме пинг-понг, фудбал, возевме кајак… Имавме неколку многу активни часа. После тоа ми пријде и ми рече: ‘Тато, здодевно ми е.’ Му реков дека е во ред ако му е здодевно. ‘Прво, имаше многу активно претпладне и правеше многу работи, и второ, ако ти е досадно, тоа не значи дека веднаш треба да земеш книга или телефон или нешто друго. Мораш да научиш да бидеш со своите мисли. Ако не ти одговара да ти биде досадно дома, тогаш излези надвор. Седни на клупа, земи пијалак и гледај во небото.’ Тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи. Би сакал моите деца да можат да си дозволат досада, затоа што тоа е времето кога сме најкреативни и времето кога можеш да ги анализираш своите мисли кои се потиснати од телефонот или од други работи…“, рeкол Ѓоковиќ.
Токму она за што зборува Новак Ѓоковиќ е главната тема на споменатата студија од 2024 година. Во истражувањето се наведуваат начини како кај децата, во „напад на досада“, да создадете можност за „продуктивна“ досада.
Научете ги децата како да поднесуваат досада и фрустрација така што ќе:

• Давате личен пример:
Кога вам ви е досадно, покажете му на детето како вие се справувате со тоа чувство. Можете дури и наглас да ги опишувате своите мисли, на пример: „Не сум сигурен што би можел сега да правам. Ќе погледнам околу себе за да најдам некоја идеја.“ Обидете се да ја претставите досадата како можност, а не како проблем.
• Обрнете внимание на скриените потреби:
Ако детето постојано бара идеи или непрекинато се жали, можеби всушност сака нешто друго од вас, како на пример внимание. Прашајте го директно: „Дали сакаш да си играме заедно?“ Ако имате време, тоа може да биде можност за квалитетно заедничко време. Ако немате време или сакате да поттикнете поголема самостојност, насочете го повторно кон неговото „мени на активности“ и договорете заедничко време за подоцна.
• Научете ги да го прифатат неуспехот:
Понекогаш активностите нема да испаднат така како што замислиле. Пофалете го детето затоа што се обидело и прашајте го што научило од тоа. Следниот пат можеби токму тоа искуство ќе го запомни и ќе го искористи.