Мицкоски: Ценовните шокови и скапиот живот не се само ваша, туку и моја лична грижа

Макфакс

09/05/2026

15:14

158

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на свеченото одбележување на 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа порача дека владините политики се насочени кон економско закрепнување на државата, зголемување на животниот стандард и создавање сигурна перспектива за граѓаните.

Мицкоски нагласи дека секојдневните економски предизвици за граѓаните се и негова лична грижа.

„Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек“, рече тој.

Тој посочи дека владината политика се темели на четири столба – економија и животен стандард, образование, правда и млади.

„Првиот столб е економијата и животниот стандард. Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност.

Вториот столб е образованието. Моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, инвестира во својата иднина. Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и наставниците, во модерни програми и дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати, а не ќе ги тера да ја бараат иднината надвор. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете.

Третиот столб е правдата. Народот со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа рековме – нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци.

Четвртиот столб се младите и иднината. Нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа“, истакна премиерот.