Премиерот Христијан Мицкоски на свеченото одбележување на 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа порача дека европската интеграција е единствениот пат и иднина за државата, нагласувајќи дека Македонија нема друга реална алтернатива за успех освен членството во Европската Унија.
Тој истакна дека Европа не треба да се гледа само како географски поим, туку како вредносен систем заснован на принципи, демократија и владеење на правото.
Според него, идејата за европско обединување произлегола од урнатините на војната како цивилизациски завет – дека никогаш повеќе народите нема да се уништуваат меѓусебно.
Премиерот кажа дека патот кон Европската Унија не е лесен, посочувајќи на бројни пречки и нагласи дека европските принципи мора да важат еднакво за сите.
„Да не се залажуваме – постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава“, рече Мицкоски.
Мицкоски повтори дека нема да прифати, како што рече, никакви компромиси со идентитетот и достоинството на државата.
„Секој што ме знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување во нашиот политички естаблишмент, добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина“, истакна премиерот Мицкоски.
Во својот говор, тој се осврна и на современите предизвици со кои се соочува Европа.
„Војни, поделби, радикализам, економска неизвесност и криза на доверба. Во време кога повторно се слуша јазикот на омразата, наша должност е да бидеме глас на разумот, стабилноста и единството. Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред“, кажа премиерот.











