Бајкерите од рускиот мотоциклистички клуб „Ноќни волци“ (Nočnije Volki), познати по блискоста со Владимир Путин, според сопствените тврдења бележат сè поголем прилив на членови во Германија и во други земји.
Бројот на „волци“ расте и покрај „антируската пропаганда“ и во земји што не се наклонети кон Москва, рекол претседателот на клубот Александар Залдастанов, познат како „Хирург“. И во Велика Британија и во Соединетите Американски Држави граѓаните на тој начин бараат блискост со Русија, тврдел тој во разговор за германската новинска агенција ДПА.
Овој тренд го потврдил и претставникот на Ноќните волци во Германија, Денис Налетов. Иако не навел бројки, тој истакнал дека и оваа година и покрај можниот надзор од германските власти и санкциите, со меѓународната бајкерска турнеја „Патишта на победата“ ќе биде одбележана годишнината од завршувањето на Втората светска војна. Тоа го кажал на видеоконференција организирана од руската државна новинска агенција ТАСС.

Победата над нацистичка Германија во 1945 година е еден од централните елементи на рускиот државен идентитет. Во денешна Русија таа има и силна политичка функција, бидејќи се користи за легитимирање на актуелната надворешна политика, вклучувајќи ја и војната против Украина, која Кремљ често ја претставува како продолжение на „антифашистичката борба“, пишува Дојче Веле.
Некои ултранационалистички членови на клубот се под санкции поради нивната поддршка за руската агресорска војна против Украина.
Од рокери до одликувања од Путин
„Ноќните волци“ ги основал кон крајот на 1980-тите, за време на перестројката во тогашниот Советски Сојуз, Александар Сергеевич Залдастанов, како супкултурен бајкерски клуб по примерот на слични клубови на Запад, меѓу кои секако најпознати се „Hells Angels“. „Волците“ дејствувале како антисоветска група и во 1991 година го поддржувале рускиот претседател Борис Елцин.

Во 1990-тите и 2000-тите години „Ноќните волци“ сè уште биле прозападно ориентирани и имале контакти со слични клубови на Запад. Постои приказна дека пресвртот кон православното христијанство и национализмот произлегол од средбата на Залдастанов со еден православен свештеник, кој му рекол дека тој мора да ја спаси Русија.

Така, во текот на 2000-тите години „Ноќните волци“ прераснале од супкултура во политички инструмент на Кремљ. Нивниот водач Александар Залдастанов јавно го поддржува Владимир Путин, редовно учествува на државни манифестации и бил награден со руски државни одликувања. Клубот комбинира бајкерска иконографија, православие, милитаризам и ултранационализам.
Бајкерите сакаат да донесат земја од Германија во Русија
Денис Налетов, водачот на германскиот огранок на „Ноќните волци“, рекол дека „Победничката турнеја“ или „Победничкиот поход“ е изразување почит кон војниците на Црвената армија кои загинале ослободувајќи ја Европа. Но целата акција е спорна и во минатото полицијата во повеќе наврати интервенирала. „Секако дека нашите луѓе се плашат да учествуваат во такви акции. Но ние не ги кршиме законите“, изјавил тој.
По руската анексија на Крим во 2014 година, а особено по целосната инвазија врз Украина во 2022 година, „Ноќните волци“ учествувале во пропаганда, логистичка поддршка и симболична мобилизација. Германската влада ги означи како безбедносен ризик и опасност за јавната безбедност и ред, поради што на некои членови на клубот во повеќе наврати им била одбиена виза за патување во Германија.

Во Москва, „Ноќните волци“ во саботата, 25 април, ја започнале својата бајкерска сезона, а со тоа и „Победничкото возење“. Турнејата би требало да заврши на 9 мај — денот што во Русија се слави како Ден на победата на Советскиот Сојуз над Хитлерова Германија — во Пјатигорск, на Северен Кавказ, пишува Дојче Веле.
Бајкерите од Германија сакаат таму да донесат земја од спомен-места што потсетуваат на загинатите советски војници. „Се надеваме дека нема да има проблеми на границата“, рекол Налетов. За планираната рута на патувањето кон Русија не дал никакви податоци.
Во Германија има голем број советски воени гробишта, но германските власти се многу внимателни кон настани што би можеле да прераснат во политички демонстрации во корист на авторитарен режим, особено во контекст на актуелната руска агресија врз Украина.
Залдастанов во филмот „Магот од Кремљ“
„Ноќните волци“ се појавуваат и во филмот „Магот од Кремљ“, кој почна да се прикажува во кината, а во кој Џуд Ло ја толкува улогата на Владимир Путин. Залдастанов таму е прикажан под своето вистинско име како човек кој, по налог на Кремљ и за паричен надомест, со својот бајкерски клуб треба да ги држи руските патриоти и националисти под контрола.

Филмот официјално не се прикажува во Русија и Залдастанов не го гледал. „Не очекувам ништо добро од таков филм“, рекол тој. Според него, западната кинематографија одново и одново користи антируски клишеа.
















