Американската авиокомпанија „Spirit Airlines“ денес објави дека ги прекинува сите операции откако не успеа да обезбеди планирана владина помош од 500 милиони долари.
Компанијата соопшти дека започнала „постепено затворање“ и дека сите летови се откажани, истакнувајќи дека патниците не треба да доаѓаат на аеродромите.
„Сите летови на Spirit се откажани и патниците не треба да доаѓаат на аеродромот“, се вели во соопштението, додавајќи дека враќањето на парите ќе биде автоматски обработено за секој лет купен преку авиокомпанијата со кредитна или дебитна картичка.Авиокомпанијата постави веб-страница за да одговори на прашања во врска со процесот на откажување, објави „CBS News“.

„Spirit Airlines“, нискобуџетниот превозник со седиште во Флорида, имаше сериозни финансиски проблеми во последните години, вклучително и две постапки за банкрот од 2024 година.
Во соопштението на компанијата се вели дека наглиот пораст на цените на горивата и енергетската криза, делумно поврзани со војната меѓу САД и Иран, дополнително ја влошиле финансиската состојба.
Преговорите за спасувачкиот пакет, кои вклучуваа план владата на САД да преземе 90 проценти од мнозинскиот удел во компанијата, пропаднале по несогласувањата со доверителите.
„Во март 2026 година, постигнавме договор со нашите обврзници за план за реструктуирање што ќе ни овозможи да станеме компанија што може да работи во иднина. Сепак, ненадејното и континуирано зголемување на цените на горивата во последните недели на крајот не нè остави без друга алтернатива освен да продолжиме со затворањето на компанијата“, изјавил извршниот директор на „Spirit Airlines“, Дејв Дејвис.
Финансиските резерви на „Spirit“ се намалија во последните денови, бидејќи разговорите со владата пропаднаа, според повеќе извори запознаени со дискусиите.
Авиоиндустријата се соочува со повисоки трошоци поради зголемувањето на цените на енергијата, што ги тера превозниците да ги зголемат цените на билетите и да ги намалат непрофитабилните рути.

До моментот кога „Spirit“ поднесе барање за прв банкрот во ноември 2024 година, компанијата изгубила повеќе од 2,5 милијарди долари од почетокот на 2020 година. Во 2025 година, „Спирит“ отпушти речиси 4.000 работници и 200 неуспешни рути, завршувајќи ја годината со околу 7.500 вработени, вклучувајќи 2.000 пилоти и 3.000 стјуардеси, според нејзиниот последен годишен извештај.
„Spirit“ повторно поднесе барање за банкрот во август 2025 година
Според американските медиуми, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислувала за спасување на компанијата, но се откажала кога не бил постигнат договор за условите.
Во претходните години, компанијата значително го намалила бројот на вработени и линии, а нејзиниот бизнис модел се базирал на евтини летови без дополнителни услуги.














