На лет на „Изиџет“ од Лондон за Анталија минатата среда избила тепачка меѓу патници, поради што авионот морал принудно да слета во Приштина.
Според „Дејли мејл“, инцидентот започнал откако една патничка, за која се верува дека е Британка, пиела вотка директно од шише и му плукнала во лице на друг патник.
Видео снимено од еден од патниците ја прикажува жената како се обидува физички да се пресмета со друг патник преку пролазот меѓу седиштата. Во смирување на ситуацијата интервенирале стјуард, а потоа и двајца машки патници.
Нискобуџетниот авион, кој полетал од аеродромот Гетвик, бил пренасочен околу 1.000 километри од планираната рута и принудно слетал на Меѓународниот аеродром во Приштина, каде што во авионот влегла полиција и ги извела двајцата патници.
Сведок за „Сан“ изјавил дека жената пиела вотка директно од шише пред да го нападне другиот патник и дека во текот на конфликтот му плукнала во лице.
„Седев зад нив и си гледав своја работа кога одеднаш слушнав викање и галама. Подигнав поглед и не можев да поверувам што се случува, беше целосно лудо. Жестоко се расправаа и си пцуеја. Сите беа малку исплашени, се чувствувавме беспомошно и ни беше жал за персоналот“, изјавил сведокот.
Тој додал дека решил да снима за да има докази доколку бидат потребни, но и за сопствена безбедност.
Летот подоцна продолжил кон Анталија, каде што слетал со три часа задоцнување.
Од „Изиџет“ соопштија дека имаат нулта толеранција за непримерно однесување и дека безбедноста на патниците и екипажот е нивен највисок приоритет.
Инцидентот доаѓа во време кога неколку нискобуџетни авиокомпании размислуваат за построги мерки против патници кои повторно ги прекршуваат правилата, како и за ограничување на консумацијата на алкохол во авионите.
Шефот на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, неодамна повика аеродромите да ја ограничат продажбата на алкохол на најмногу два пијалака по патник, со цел да се намали непримерното однесување во летовите.











