Фернандо Мендоза веќе пушти солзи откако беше прогласен за најдобар играч во универзитетскиот американски фудбал.
Но додека квотербекот на Индијана држеше говор по повод освојувањето на „Хајзмен“ трофејот (за најдобар колеџ играч), гласот навистина му затрепери кога директно ѝ се обрати на својата мајка.
„Ова е твој трофеј исто колку и мој“, рече Мендоза, „Секогаш беше мој најголем навивач. Ти си мојата светлина, мојата причина“.
Елса Мендоза не била само посветена „фудбалска мајка“. По речиси 20 години живот со мултиплекс склероза, денес користи инвалидска количка и претставува инспирација зад подемот на Фернандо од анонимност.
„Ме научи дека силата не мора да биде гласна“, додаде тој, „Може да биде тивка и цврста. Тоа е вербата во себе кога светот не ти дава многу причини за тоа“.
Во четвртокот, овој 22-годишен дипломиран студент по бизнис беше избран како прв пик на „NFL Draft 2026“ од страна на „Лас Вегас Рејдерс“.
Ова е неговата приказна.
Од 2.149. место до национален шампион
Елса Мендоза, која играла тенис на Универзитетот во Мајами, ги охрабрувала своите три синови да се занимаваат со спорт и да бидат посветени на образованието.
Најстариот Фернандо го поттикнувала да верува во себе и покрај тоа што често бил занемаруван – уште од првиот тим на девет години, кога бил дури четврта опција на позицијата квотербек.
По завршувањето на средното училиште, бил рангиран дури како 2.149-ти играч во генерацијата 2022 – и 140-ти квотербек.
Мораше да чека до самиот крај на процесот на регрутација за да добие единствена понуда од „Power Five“ универзитет, највисокото ниво на универзитетски фудбал, но Елса инсистирала дека шансата ќе дојде.
Во 2024 година, Фернандо започна хуманитарна кампања за „National MS Society“ во чест на мајчината „сила и позитивност“.
Таа им откри на синовите во 2020 година дека боледува од мултиплекс склероза, откако состојбата ѝ се влошила по инфекција со ковид.
Во отворено писмо објавено на „The Players Tribune“ неколку дена пред церемонијата за „Хајзмен“ трофејот, напиша дека „една од најголемите пречки не била самата болест, туку чувството на срам“.
„Никогаш не го сврте погледот. Никогаш не ме третираше како некој слаб или помалку вреден – туку како личност што ја сакаш и зад која стоиш“.
Тоа стана јасно за пошироката јавност минатата сезона, кога Фернандо премина на Универзитетот Индијана, каде веќе играше неговиот помлад брат Алберто.
Заедно ги предводеа „Hoosiers“ до првата национална титула и ги освоија симпатиите на американската спортска јавност, вклучувајќи ја мајката во прославата, додека Фернандо често го истакнуваше нејзиното влијание.
„Да ја гледаш како се бори и ги надминува проблемите со таков оптимизам – тоа е вистински пример“, рече Фернандо.
Како „фудбалската бубалица“ за малку ќе завршеше на Јејл
Многу од изјавите на Мендоза по натпреварите станаа вирални, делумно затоа што не е типичен квотербек.
Покрај подигањето на свеста за мултиплекс склероза, гордо зборува за своето потекло – сите четири негови баби и дедовци се кубански имигранти.
Има неисцрпна енергија и не ги крие емоциите. Во исто време е скромен и културен – некои би рекле и малку несмасен.
Откако Индијана го шокираше Охајо Стејт и ја освои конференцијата, изјави: „Hoosiers се шампиони!“
Зборува за филозофија исто колку и за фудбал и ја прифати етикетата „фудбалски бубалица“, кој постојано сака да учи – повеќе внимание посветува на ажурирање на профилот на „LinkedIn“ отколку на „Instagram“.
Родениот во Мајами првично планирал да студира економија на престижниот Јејл и да игра во „Ivy League“, пред да добие спортска стипендија на Калифорнија.

Дури и кога во 2023 година стана стартен квотербек на „Golden Bears“, се подготвуваше за живот надвор од „NFL“ – работеше летни практики во инвестициски компании за недвижности и тренираше училишни тимови.
Дипломираше бизнис администрација за само три години, пред минатата година да премине во Индијана на магистерски студии.
Таму го подигна нивото на игра и ги надмина сите очекувања.
Го предводеше тимот до совршена сезона 16-0 и бајковит крај: постигна победнички тачдаун во родниот град против Мајами, кој во 2022 година не му даде шанса ни како „walk-on“ играч без стипендија.
Неколку дена по титулата, се пријави за драфтот во свој стил, со порака: „Мојот „LinkedIn“ статус сега е — Open to Work“.

Го импресионирал и Том Брејди
Мендоза пораснал идолизирајќи го Том Брејди, кој испиша една од најголемите „аутсајдер“ приказни – од 199-ти пик до седумкратен освојувач на „Super Bowl“.
Брејди успеал благодарение на врвна физичка и ментална подготовка, а Мендоза го следел истиот пат – ја проучувал неговата книга и ги применувал принципите за исхрана, тренинг и закрепнување.
Со висина од 196 см и тежина од 107 кг, Мендоза има слична конституција и стил – елитен подавач кој признава дека не е најбрз или најсилен, но има смиреност за големи потези во клучни моменти.
Соучениците од средно го нарекувале „бејби Брејди“ бидејќи „секогаш имал нешто посебно – и лидерска личност“.
Самиот Брејди во декември изјави дека „неговото лидерство е тоа што најмногу се издвојува“.

Брејди денес е малцински сопственик на „Las Vegas Raiders“, беше дел од делегацијата на финалето и накратко разговараше со Мендоза за време на „NFL“ тестирањата.
Мендоза претходно изјави дека би сакал Брејди да му биде ментор, а „Raiders“ веќе го доведоа Кирк Кузинс за младиот освојувач на „Хајзмен“ да учи покрај искусен квотербек во својата дебитантска сезона.
Кога неговото име беше прочитано во Питсбург, Мендоза одлучи да не излезе на бината.
Остана дома во Мајами – за да го сподели моментот со семејството и мајката која му помогна никогаш да не се откаже од својот NFL сон.












