Градот кој се издигнал од пепелта по разурнувањата во Втората светска војна денес воодушевува со раскошна барокна архитектура и бројни интересни работи кои ретко каде можат да се видат. Ако барате место со навистина импресивна приказна, тешко дека ќе најдете подобро од Дрезден.
Овој познат град се наоѓа во источна Германија, недалеку од границата со Чешка, на брегот на реката Лаба и во подножјето на Рудните планини. Неговата историја е особено впечатлива. За време на Втората светска војна речиси бил срамнет со земја, но во децениите што следеле внимателно бил обновен, главно во изворниот облик.
Денес главниот град на Саксонија привлекува посетители со својата импозантна барокна архитектура и со право се вбројува меѓу најубавите европски градови.

Дрезден е познат како град на уметноста и културата, поради што често го нарекуваат „Фиренца на Лаба“. Во него твореле уметници како Вагнер, Оскар Кокошка и Рихард Штраус. Една од најпознатите градби е прочуената опера Земпер. Меѓу знаменитостите се издвојува и протестантската црква Фрауенкирхе, чија обнова започнала во 1993 година, а завршила во 2005. Со голем труд, користен е што поголем дел од оригиналниот материјал, а црквата денес се гордее со една од најголемите куполи во Европа. Тука се и Хофкирхе, дрезденскиот замок, како и величествената палата Цвингер, во која се наоѓа и една од најголемите колекции на глобуси во Германија.
Од поновите градби се издвојува мостот „Сино чудо“ преку Лаба. Градот изобилува со атракции, а некогаш бил и на листата на светско наследство на УНЕСКО како дел од долината на Лаба. Сепак, тој статус го загуби по изградбата на модерниот мост „Waldschlösschen“, со што стана прв таков случај во Европа и дури втор во светот.

Дрезден е познат и по бројни занимливости. Во него се наоѓа Музејот за хигиена, првично наменет за едукација за здравјето. Интересно е што токму тука во 1839 година била претставена една од првите верзии на чоколадата, а на почетокот на 20 век Мелита Бенц го осмислила филтерот за кафе. Недолго пред тоа, фармацевтот Отомар фон Мајенбург ја развил една од првите пасти за заби.
Градот е домаќин и на еден од најстарите божиќни саеми во Германија – „Striezelmarkt“, кој датира уште од 1434 година.

Дрезден може да се пофали и со еден од најголемите мурали во светот изработени од порцелански плочки – „Fürstenzug“, долг дури 101 метар и составен од околу 24.000 плочки. Не е случајно што се наоѓа токму овде, бидејќи во овој град е основана и најстарата фабрика за порцелан во светот, „Meissen“ од 1710 година.

Благодарение на богато декорираните плочки, Дрезден има и една од најнеобичните продавници за млечни производи во светот, „Molkerei Gebrüder Pfund“, која влезе и во Гинисовата книга на рекорди.
Дрезден често се нарекува и „кутија со скапоцености“, пред сè поради прочуениот музеј „Grünes Gewölbe“, односно Зелениот трезор, кој чува една од најбогатите збирки богатства во Европа. Во него можат да се видат луксузни предмети од сребро, ретки скапоцени камења и познатиот зелен дијамант од Индија. Оваа збирка некогаш му припаѓала на Август Силниот. Голем дел од богатството бил скриен пред бомбардирањето во 1945 година, благодарение на што е зачуван и денес изложен во обновениот комплекс кој ги опфаќа Новиот и Историскиот зелен трезор, пренесува „EUpravozato“.





















