За многумина рај на земјата – Швајцарија уште на прв поглед изгледа како разгледница: планинските врвови на Алпите, кристално чистите езера, уредените градови и села, како и беспрекорната организација на јавниот превоз ја прават една од најпосакуваните европски дестинации.
Освен по природните убавини, Швајцарија е позната и по врвното чоколадо, сирењата и уникатните железнички доживувања што патувањето го претвораат во вистинска атракција. Едно од најпосебните такви искуства секако е популарниот „Чоколаден воз“.
Возењето е достапно дури и во прва класа, а ве очекуваат елегантни историски вагони
Целодневното патување започнува во Монтре, а завршува во познатата фабрика за чоколадо „Maison Cailler“ во Брок, во срцето на регионот Гријер. Но ова не е само обично возење со воз: станува збор за внимателно осмислена гурманска екскурзија што ги спојува гастрономијата, културата и прекрасните пејзажи на западна Швајцарија.

Авантурата трае околу девет часа и завршува со враќање во градот Монтре во кантонот Во, а возењето е достапно и во прва класа, во елегантни историски вагони во стилот „Belle Époque“ („убавото доба“, период на европска елеганција, културен процут и оптимизам пред Првата светска војна) од 1915 година, или во модерни панорамски возови што нудат незаборавен поглед на бајковитиот пејзаж.
Цените за сè попопуларната швајцарска авантура се движат од 93 до 104 евра
Откако ќе тргне од Монтре, „Чоколадниот воз“ минува низ лозови насади и живописни села на патот кон Монбовон, по рута што зрачи со старински шарм и носталгична атмосфера. За време на возењето, патниците можат да уживаат во кафе и кроасан со чоколадо — совршен вовед во другите слатки задоволства што допрва следуваат. Инаку, возењето во прва класа чини околу 104 евра, додека за втора класа треба да издвоите околу 93 евра.

Патувањето потоа продолжува со автобус кон регионот Гријер, кој изгледа како да е дел од сценографијата на некоја средновековна приказна. Првата станица е „La Maison du Gruyère“, позната сирарница каде што ќе дознаете сè за производството на прочуеното сирење Гријер. Неговата традиција е долга речиси илјада години, а дегустацијата е неизбежен дел од посетата.
Посета на музеј посветен на историјата и производството на чоколадо во градот Брок
Следната станица е средновековното гратче Гријер, кое ќе ве воодушеви со камените улици, автентичната архитектура и погледот кон Алпите. На туристите особено им е интересен и неговиот замок „Château de Gruyères“, од кој се пружа феноменален панорамски поглед кон целиот регион.

Врвот на патувањето е пристигнувањето во Брок, поточно во „Maison Cailler“, една од најстарите швајцарски фабрики за чоколадо. Таму ве очекува интерактивен музеј посветен на историјата и производството на чоколадо: од зрната какао до готовата пралина. За време на посетата ќе дегустирате различни видови чоколадо и ќе откриете зошто токму ова швајцарско чоколадо стана синоним за квалитет и совршен вкус.
Термални бањи, живописни села, планини…
Покрај сето наведено, постои уште еден интересен туристички пакет, т.н. „Chocolat Express“. Тој вклучува возење со воз и автобус, го поврзува Берн со регионот Гријер и минува низ Фрибур, Ромон и Бул, сè до железничката станица наречена „Broc-Chocolaterie“. Оваа рута нуди и дополнителни содржини, како работилници за изработка на чоколадо и интерактивни изложби во „Maison Cailler“.

Секако, целиот регион Гријер вреди да се истражи: таму можете да планинарите, да се опуштите во термални бањи или да посетите прекрасни природни клисури и живописни села. Сè на сè, „Чоколадниот воз“ не е само гастрономско доживување, туку и патување низ културата, историјата и швајцарските пејзажи што оставаат без здив. Нема голем број места во светот каде што планинската панорама, средновековните градови, сирењето и чоколадото се спојуваат во толку совршена туристичка приказна како во срцето на Швајцарија.

















