Една капачка на плажа стана вирална сензација откако беше снимена како одбива да се помести додека покрај неа минувале принцот Хари и Меган Маркл. Војводата и војвотката од Сасекс минатиот петок привлекоа огромна толпа луѓе на плажата Бонди во Сиднеј, иако таа посета не беше во нивниот официјален распоред.
Парот по приватна средба со итните служби и преживеаните од терористичкиот напад на Бонди од 14 декември минатата година, во кој загинаа 15 лица, се упатија кон познатата плажа за да погледнат демонстрација на спасување со штица. Таму ги опкружија десетици обожаватели и голем број медиуми кои го бележеа секој нивни чекор.
Незаинтересираната капачка стана хит
Снимката прикажува како групата ѝ се приближува на капачка која лежи на стомак на пешкир, целосно невознемирена од бучавата околу себе. Жената продолжила да чита книга, без да се обиде да се помести или да ги поздрави угледните гости, дури и откако принцот Хари, како што изгледа, ја забележал и покажал кон неа. Тој момент брзо стана вирален на интернет.
Една објава со наслов „На капачката на Бонди воопшто не ѝ е гајле“ собра стотици коментари на „Редит“, а многумина ја нарекоа „кралица на лежерноста“.
Поделени реакции на социјалните мрежи
Се чинеше дека жената, опкружена со хаос, воопшто не е свесна дека Хари и Меган се на само неколку метри од неа. „Тоа е типичен став за Бонди“, коментираше едно лице. Друго додаде: „Ма, дајте ѝ медал!“, додека трето напиша: „Ја обожавам оваа жена!“.
Многумина ја бранеа одлуката на капачката да не се помести, истакнувајќи дека таа прва била таму. „Плажата е јавна, може да лежи каде што сака“, напиша еден корисник. „Кој и да го планирал овој настан, требало да биде повнимателен, а не група луѓе да оди по плажата и буквално да гази преку други без предупредување“. Друг коментираше: „Мене ми се чини дека не знаела што се случува и немала време да се помести, па едноставно останала на место бидејќи таа толпа би ја соборила ако станела“.

Одраз на популарноста на парот?
Настанот отвори расправа дали тоа ја одразува општата перцепција за принцот Хари и Меган во Австралија, особено во споредба со нивната последна посета во 2018 година, кога беа младенци. „Ова не е ништо ново, има многу фотографии од луѓе на кои воопшто не им е грижа кога членови на кралското семејство им се во близина“, стои во еден коментар.

„Ова е 2026 година, нема сите да ги обожаваат членовите на кралското семејство како пред 20 години. Очекувајте да гледате уште многу луѓе како неа“, додава друг. Трет заклучи: „Кралското семејство ќе си замине, а нејзиниот живот продолжува“. Сепак, некои не се согласија. „Медиумите би ве натерале да поверувате дека Меган ќе ја исвиркаат или ќе ја премачкаат со катран и пердуви, но се чинеше дека на многу луѓе им беше мило што ги гледаат“, напиша еден корисник.
Хари и Меган подоцна уживаа во едрење по пристаништето во Сиднеј, кратко присуствуваа на женско дружење кое го водеше војвотката, а својата четиридневна австралиска турнеја ја завршија со вечерно присуство на рагби натпревар на стадионот „Allianz“. Парот во меѓувреме се врати дома во Калифорнија.















