За Шалке следуваат клучни недели во втората Бундеслига, а борбата за враќање во елитата ја започнаа на квалитетен начин со вчерашната победа против Карлсруе, по која се чекор поблиску до големото враќање во Бундеслигата.
Додека расплетот на теренот допрва се очекува, клубот од Гелзенкирхен веќе повлече важни потези зад кулисите. Според пишувањето на „Bild“, Шалке под водство на спортскиот директор Франк Бауман разви прецизен систем на плати и бонуси во случај на пласман во Бундеслигата.
За разлика од претходната практика, кога сите играчи добиваа колективно зголемување на платите, новиот модел го наградува учинокот на теренот. Висината на примањата сега директно зависи од времето поминато во игра.

Системот на Шалке вклучува шест платни нивоа, а секој настап ги приближува играчите до повисока заработка. Влегувањата од клупата пократки од 45 минути се сметаат како половина настап, па и така постепено се напредува на финансиската скала.
Секој фудбалер веќе во договорот има јасно дефинирано колку му се зголемува платата во случај на промоција, со што клубот сака да избегне непланирани трошоци и да обезбеди финансиска стабилност.
Интересно е што играчите со највисоки плати имаат помал процентуален раст, додека помладите фудбалери би можеле дури и да ги удвојат примањата. Во случај на пласман во Бундеслигата, поединечни договори достигнуваат и износ до еден милион евра годишно.
Бонусите за промоција исто така се поврзани со минутажата. Стандардните првотимци би можеле да заработат и околу 100.000 евра дополнително, во зависност од придонесот во текот на сезоната.

Посебно внимание привлекува случајот на Един Џеко, кој наводно добил специфична клаузула во договорот. Доколку Шалке избори враќање во Бундеслигата, искусниот напаѓач би можел да инкасира бонус од дури 400.000 евра.
Со тоа е јасно дека германскиот великан своето потенцијално враќање во елитниот ранг на германскиот фудбал го испланирал до најситни финансиски детали.
Да додадеме дека Шалке е лидер на табелата во Втората Бундеслига со 55 бодови, еден повеќе од второпласираниот Падерборн, а во следното коло игра против Елверсберг.











