Помошникот на Гвардиола потврди дека Сити останува без „мозокот“ во тимот: Секоја убава приказна има свој крај

Дерби

06/04/2026

07:47

848

Големина на фонт

а а а

Пеп Гвардиола подолго време правеше јавни притисоци и се обидуваше да изнуди реакција од Манчестер Сити во обидот да го задржи Бернардо Силва, но какошто стојат работите, директорите не успеале да го разубедат Португалецот кој е цврсто решен дека ја игра последната сезона на „Итихад“.

За време на репрезентативната пауза, самиот Силва најави дека е подготвен за менување на средината и играње фудбал на потопло место и со слична култура како онаа на Португалија, но сега со директна порака за негово заминување се јави и помошникот на Гвардиола, Пеп Лијндерс.

Десната рака на Пеп потврди дека Силва ги игра последните недели како играч на Сити, по што како слободен агент ќе може да направи трансфер во клуб кој го смета за најдобра опција.

– Никогаш не може да замените еден играч со друг, бидејќи никогаш не постои ист тип на играч. Уште повеќе кога станува збор за Силва. Бернардо е уникат, начинот на кој го контролира темпото на мечот е неспоредлив. Начинот на кој се движи, начинот на кој ја прима топката, начинот на кој гледа решенија, сите тие работи го прават посебен.

– Ако не игра еден меч, сите гледаме колку недостасува, а замислете како ќе биде без него цела сезона. Но, секоја убава приказна доаѓа до својот крај, а јас се надевам дека тој ќе ужива во последните шест седмици и дека ќе добие добар проштален меч. Тој го заслужува целото внимание од фановите, – изјави Лијндерс.

Гвардиола во неколку наврати оваа сезона порача дека Силва е единствениот играч кој е незаменлив во неговиот тим, но Пеп следната сезона ќе остане без својот „мозок“ и ќе мора да ја темели играта на Сити врз други играчи.