Медиумите на „чизмата“ воодушевени од Рино: Гатузо со класа потег се одјавил од италијанската репрезентација

Дерби

06/04/2026

12:34

328

Големина на фонт

а а а

Џенаро Гатузо мина помалку од една година на чело на италијанската фудбалска репрезентација, одлука која спогодбено ја донесе со Федерацијата по големото разочарување во Зеница.

Три дена по поразот од Босна и Херцеговина, Рино соопшти дека спогодбено го раскинал договор со италијанската Федерација, па јасно е дека „аѕурите“ во ново руво ќе бараат нов селектор, но и нов претседател и нов тимски менаџер.

Габриеле Гравина и Џанлуиџи Буфон беа првите кои преземаа одговорност и кои си поднесоа оставки, но набрзо пристигна информација и за заминување на Гатузо кој ја презема репрезентацијата во јуни минатата година.

Иако ги поправи резултатите на Лучијано Спалети, Рино не ја оствари главната цел и реши да се повлече, а тоа решил да го направи во голем стил.

Како што пренесуваат угледните италијански медиуми, Гатузо почекал три дена пред да објави повлекување поради преговорите кои ги водел со Федерацијата, односно се обидел да изменаџира отпремнина за својот тренерски персонал кој останува без работа.

Имено, Гатузо се откажал од сите пари кои му биле загарантирани од договорот со италијанската Федерација, но побарал од водечките луѓе да водат сметка за неговите помошници и успеал да обезбеди соодветна компензација во вид на парична отштета.

Ова не е прв пат Гатузо да се откаже од своите пари за да обезбеди компензација за своите асистенти, бидејќи идентична работа направи и во Милан, Крит, Пиза и Хајдук.