Тагата е универзално и често неизбежно искуство, но поради општествените норми на некои луѓе им е потешко да се справат со неа. Еден маж на „Reddit“ го споделил своето болно искуство откако неговиот деветгодишен син починал од рак, а неговата објава за машката тага и недостатокот на поддршка стана вирална.
„Пред десетина години нашиот деветгодишен син почина од рак... Стотици луѓе ја прашуваа мојата сопруга како е и ѝ нудеа поддршка. Мене многумина ме прашуваа како е таа, како се децата и ми велеа дека морам да бидам силен за неа и за нашите две преостанати деца. Само неколку блиски пријатели ме прашаа како сум јас. Ниту една пријателка не ме праша. Дури ни мојата мајка. Едноставно не им падна на памет. Беше навистина ужасно. Не затоа што мислам дека мојата сопруга не ја заслужуваше поддршката. Секако дека ја заслужуваше, но ја заслужував и јас“, напишал тој.
Многумина се препознале во неговата приказна.
Објавата предизвикала силни реакции и собрала околу 2600 коментари, што покажува дека луѓето се подготвени да разговараат за оваа тема. Многумина споделиле слични искуства.
„Мојата сопруга и јас се разведовме. Таа по бракот избра дрога и алкохол, а јас избрав да бидам татко. Луѓето и понатаму постојано ме прашуваат како таа се справува со сè. И понатаму ја покануваат на родителски и детски дружби, иако децата живеат со мене седум дена во неделата. Тоа е неправедно“, напишал еден корисник.
Друг го споделил свое искуство:
„Ни изгоре куќата. Изгубивме сè. Луѓето од заедницата донираа многу облека и хигиенски потреби за мојата сопруга и децата. Но за мене ништо. Една година подоцна сè уште мака мачам со облека.“
На неговиот коментар веднаш се јавил друг корисник, подготвен да помогне:
„Која големина носиш, брате? Имам убава облека што никогаш не ја носам и со задоволство би ја однел на хемиско чистење и би ти ја испратил.“
Сепак, не сите имале исти искуства, а на некои оваа дискусија им помогнала да сфатат колку им значи поддршката.
„Боже, додека ги читам овие коментари, уште повеќе ги ценам мојата сопруга и мајка. Тие навистина ме поддржуваат кога ќе им кажам дека нешто ме боли или дека сум депресивен. Додека растев, мајка ми никогаш не ги омаловажуваше моите чувства, никогаш не ми рече да се ‘однесувам како маж’. Жал ми е за сите ваши приказни и борби“, напишал еден коментатор.

Проблемот на машката тага
Во напис за „Psychology Today“, Ник Норман зборува за она што го нарекува „тиха епидемија“ меѓу мажите.
„Според „CDC“, еден од десет мажи доживува анксиозност или депресија, но помалку од половина бараат помош. Општо земено, мажите поретко бараат помош поради ментални или емоционални тешкотии“, напишал Норман.
Тој смета дека коренот на проблемот лежи во општествените очекувања.
„Вистинскиот проблем не е во тоа што мажите тагуваат на поинаков начин. Проблемот е што културните очекувања на западното општество во голема мера ги обесхрабруваат мажите отворено да тагуваат“, истакнал тој.
Норман ги повикал мажите да создаваат безбеден простор едни за други за разговор за емоциите.

„Непишаните правила на ригидната машкост често ги наведуваат мажите да ги посрамуваат оние што се осмелуваат да излезат од тој ограничен емоционален калап. Така стануваме непријатели на сопствените браќа и создадаваме уште повеќе болка таму каде што ни е најпотребна поддршката. Мораме да престанеме да ги посрамуваме другите мажи затоа што плачат и искрено ги изразуваат своите чувства. Должни сме едни на други да си пружиме поддршка или барем тивко почитување“, заклучил тој.
Свесноста може да помогне
Жанет Лорандини, основачка на центарот „Suffolk DBT“ во Њујорк, за „Upworthy“ објаснила дека овој образец често се развива уште во детството.
„Многу момчиња растат во средини каде што нивните емоции се омаловажуваат. Од мали се учат дека покажувањето тага или ранливост е знак на слабост и дека треба да ‘бидат силни’. Со текот на времето тоа може да доведе до тоа мажите да научат да ги кријат своите чувства наместо да ги разберат и да се соочат со нив. Тие можат да станат вешти во прикривање на чувствата пред другите, но тоа не значи дека тие чувства не постојат“, рекла таа.
Како едно од можните решенија, Лорандини предлага развивање свесност за сопствените емоции.
„Свесноста ги поттикнува луѓето да забават, да ја забележат својата емоционална состојба и да си дозволат да ја почувствуваат тагата наместо да ја потиснуваат. Кога некој не си ги дозволува тие важни моменти на тагување, се развива она што го нарекуваме потисната тага. Таа не исчезнува, туку останува потисната. Тагата нема да исчезне додека не се проживее. Подоцна често може да се манифестира на други начини, како гнев, злоупотреба на алкохол или дроги, претерана работа или други неприлагодени обрасци на однесување“, објасни таа.
„Тагата не бара некој да се скрши, но бара простор да биде почувствувана. Учењето да се проживува тагата во мали, подносливи моменти, со постепено движење напред, може да им помогне на мажите да се справат со загубата на начин што ги почитува и нивните емоционални потреби и нивната улога во семејството“, заклучи Лорандини.














